• четврток, 31 октомври 2024

Кривична пријава за лицето кое фрлаше со јајца и јогурт кон европратеникот Белери

Кривична пријава за лицето кое фрлаше со јајца и јогурт кон европратеникот Белери

Тирана, 30 октомври 2024 (МИА) – Полицискиот комесаријат број 2 во Тирана поднесе кривична пријава против лицето кое вчера пред албанскиот парламент фрлаше со јајца и јогурт по европратеникот Фреди Белери и извикуваше „срам“ „убиец“.

- Специјалисти за истраги на криминал го достави и доказниот материјал до Обвинителството при Основниот суд во Тирана, каде започна постапката за лицето Д.Н.(61), жител на Тирана, за сторени кривични дела „закана“ и „нарушување на јавниот мир“, предвидено од членовите 84 и 274 од Кривичниот законик. Споменатото лице вчера пред Собранието на Албанија со прехранбени производи го удрил Ф.Б., пратеник во Европскиот парламент, стои во полициското соопштение.

Белери, кој беше во Тирана, како дел од десетчлената делегацијата на Европскиот парламент за проверка на пристапниот процес на Албанија, во моментот на инцидентот не реагирал, но подоцна изјави дека „Овие напади не го плашат“ и оти „Албанија мора со дела да покаже дека сака и мора да биде во Европа“

По инцидентот грчкото МНР реагираше со остра осуда и побара реакција на албанските власти, додавајќи дека „мора да се грижат за безбедноста на европратениците и кон нив мора да се однесува со почит“.

Првиот човек на Партијата за заштита на човековите права (партија на Грците) Ванѓел Дуле го осуди инцидентот, обвинувајќи дека е „оркестриран од Рама, валкајќи го угледот на Албанија“.

И лидерот на опозициската Демократска партија Сали Бериша инцидентот го нарече „насилнички чин нарачан од Рама“. вт/

Остани поврзан