• недела, 22 декември 2024

Кривичен суд ги отфрли како неосновани барањата за амнестија за случајот „Организатори на 27 април"

Кривичен суд ги отфрли како неосновани барањата за амнестија за случајот „Организатори на 27 април

Скопје, 16 јуни 2023 (МИА) - Основниот кривичен суд Скопје на денешното рочиште ги отфрли како неосновани барањата на Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Ристовски и Владимир Атанасовски за амнестија за случајот „Организатори на 27 април". 

Претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков, информираше дека по барањето на одбраната за примена на Законот за амнестија од 2018 година за обвинетите за случајот и добиеното мислење на Јавниот обвинител, донел одлука дека со која барањето се отфрла како неосновано. 

- Се одбива како неосновано барањето за амнестија, бидејќи не се исполнети условите од член 1, став 2, алинеја еден и два од Закон за амнестија, изјави судијата Трпков.

Со оглед дека обвинетите имаат право на жалба на одлуките, судењето се одложува за 6 јули 2023 година. 

Судот, на почетокот информираше дека го добил мислењето на Јавниот обвинител, дека обвинетите не се лица кои ги опфаќа Законот за амнестија и дека во оваа фаза не постои правна можност Судот да одлучува по амнестијата. 

Адвокатот Еленко Миланов, во однос на мислењето на јавниот обвинител, наведе дека не го ограничува Судот да донесе решение со кое ќе ја запре постапката согласно одредбите од Законот за амнестија од 2018 година, со што примената на институтот амнестија не е врзан само во делот со одлучување на пресуда. 

Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Трајче Пеливанов. 

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. 

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. 

Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење. 

Од Скопска апелација, во соопштението до медиумите, „информира дека при разгледување на првостепената пресуда оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право". аа/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан