• среда, 25 декември 2024

Кремљ: Приоритет за Русија е војната во Украина, а не Сирија

Кремљ: Приоритет за Русија е војната во Украина, а не Сирија

Москва, 11 декември 2024 (МИА) - Кремљ денеска ја минимизираше важноста на падот на својот сириски сојузник Башар ал Асад за руското влијание на Блискиот исток, велејќи дека Москва се фокусира на Украина и дека е во контакт со новите власти во Сирија.

Кога Русија интервенираше во сириската граѓанска војна во 2015 година, тоа му даде значителна предност на Асад, а неговиот пад нанесе сериозен удар и на Москва, која води војна во Украина, и на Иран,
кој на целиот исток е во конфликт со Израел, поддржан од САД.

-Секако дека сме во контакт со оние кои моментално управуваат со ситуацијата во Сирија, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

На прашањето колку падот на Асад го ослабе руското влијание во регионот, Песков рече дека Москва одржува контакти со сите земји во регионот и дека ќе продолжи да го прави тоа.

Приоритет за Москва, рече Песков, е војната во Украина, која претседателот Владимир Путин ја нарекува „специјална воена операција“.

-Специјалната воена операција е апсолутен приоритет за нашата земја: ние мора да ги гарантираме интересите на нашата безбедност, интересите на нашиот руски народ и тоа ќе го направиме, рече Песков.

Москва ја поддржува Сирија уште од раните денови на Студената војна, признавајќи ја нејзината независност во 1944 година, кога Дамаск се обидуваше да се ослободи од француската колонијална власт. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан