• петок, 05 декември 2025

Крал Филип: Состојбата во Газа е срам за човештвото 

Крал Филип: Состојбата во Газа е срам за човештвото 

Брисел, 21 јули 2025 (МИА) - Конфликтите ширум светот и состојбите во Европа и Белгија беа главни теми на кои се осврна белгискиот крал Филип во видео обраќањето до јавноста по повод 21 јули - Белгискиот национален празник. 

- Се придружувам на сите што ги осудуваат сериозните хуманитарни злоупотреби во Газа, каде што невини цивили, заробени во нивната енклава, гладуваат и страдаат од бомби, рече кралот. 

Белгискиот монарх порача и дека го поддржува повикот на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш за итно завршување на „оваа неподнослива криза“. 

- Сегашната ситуација трае предолго. Ова е срам за човештвото, истакна кралот Филип во обраќањето.

Според него, Европа мора уште посилно да го потврди своето глобално лидерство и да се наметне како „бедем и достојна алтернатива на бруталната борба за власт на која сме сведоци денес“, со почитување на европските вредности: демократијата, правдата и законот. 

- Меѓународното право денес отворено се доведува во прашање. Европа продолжува да избира соработка наместо конфронтација и се одлучува за отвореност наместо за исклучување. Тоа е извонреден и понекогаш тежок избор. Денес за тоа е потребна и храброст, додаде белгискиот крал. 

Тој во обраќањето говореше и за состојбата во Украина, каде, како што рече, народот продолжува да се спротивставува на инвазијата со извонредна храброст, па затоа е важно да продолжи поддршката за Украинците.  

- Борејќи се за зачувување на нивниот суверенитет, тие го штитат и нашиот, истакна кралот Филип. 

Во обраќањето тој се осврна и на состојбите во Белгија, и пред се во регионот на Брисел, каде што се уште не е формирана регионална влада по изборите одржани во јуни минатата година. 

- Во светлината на целото насилство и немири што го мачат светот, нашите сопствени грижи можеби изгледаат безначајни. Но, тие го заслужуваат нашето целосно внимание и вниманието на нашите избрани функционери. Тие (грижи) мора да се надминат решително, бидејќи имаат директно влијание врз граѓаните на оваа земја. Особено во Брисел каде е итно конечно да се формира нова влада, рече кралот Филип. 

На крајот од обраќањето, белгискиот крал упати апел до сите Белгијци да ја црпат енергијата од денешниот национален празник со цел земјата да продолжи да се движи напред со самодоверба и храброст. 

- Во овие неизвесни времиња, кралицата и јас сметаме дека е уште позначајно да можеме да го прославиме нашиот национален празник заедно со вас. Да не заборавиме што се случува на други место, но и да се потсетиме кои сме и што можеме да постигнеме заедно како Белгијци и како Европејци. Да црпиме енергија од овој ден на прослава и заедништво за да се соочиме со утрешниот ден со самодоверба и храброст, порача кралот Филип во обраќањето по повод 21 јули - Белгискиот национален празник. сп/са/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан