• понеделник, 23 декември 2024

Кралицата на Велика Британија го слави платинестиот јубилеј

Кралицата на Велика Британија го слави платинестиот јубилеј
Лондон, 2 јуни 2022 (МИА) - Кралицата Елизабета Втора од денеска до 5 јуни го прославува платинестиот јубилеј - 70 години на британскиот престол. Милиони луѓе ширум Велика Британија и светот денеска ќе може да се придружат во славењето на 96-годишната кралица, која владее подолго од кој било нејзин претходник, објави Британската влада. - Им благодарам на сите што учествуваат во овој собир, семејството, соседите и пријателите, кои ќе ја одбележат мојата платинеста годишнина, во Обединетото Кралство и Комонвелтот. Продолжувам инспирирана од добрата волја што ми е укажана и се надевам дека наредниве денови ќе ми дадат можност да размислам за сѐ она што е постигнато последниве 70 години додека гледаме кон иднината со верба и ентузијазам, истакна кралицата Елизабета. Поради возраста и неодамнешните тешкотии со подвижноста, кралицата мораше да откаже дел од програмата и нејзиното учество на прославите ќе биде ограничено. Дел од свечените должности ќе преземат нејзиниот син и наследник, 73-годишниот принц Чарлс и неговиот најстар син, 39-годишниот принц Вилијам. На централната прослава нема да присуствуваат 62-годишниот принц Ендрју, кој се спогоди во февруари во случајот каде што е обвинет за сексуално злоставување малолетничка, како и принцот Хари, кој сега живее во Лос Анџелес, САД. Инаку, прославата започнува со воена парада во центарот на Лондон, а за првпат Нејзиното височество ќе поздрави околу 1.500 војници од балконот на Бакингемската палата. Армијата напладне ќе приреди почесен вод во чест на кралицата во Лондон и на повеќе места ширум Велика Британија. Денешниот ден не е само почеток на јубилејот, туку и 69-годишнина од крунисувањето на Елизабета, која стана кралица по смртта на нејзиниот татко Џорџ Шести во февруари 1952 година. Анкетите покажуваат дека таа и натаму е прилично популарна меѓу Британците. Испитување спроведено неделава покажува дека 80 отсто од нив имаат позитивно мислење за кралицата, а три четвртини сметаат дека таа добро си ја врши работата. В петок во катедралата Сент Питер ќе се одржи миса на благодарност, а в сабота кралското семејство ќе присуствува на коњската трка „Епсом дерби“. Истиот ден ќе има и концерт пред Бакингемската палата на којшто ќе настапат „Квин“, Алиша Кис, Дијана Рос и други изведувачи. Ќе бидат доделени голем број медали. Глумецот Демијан Луис, писателот Ијан Ранкин и поранешната прва министерка на Северна Ирска, Арлин Фостер се меѓу 1.100 лица одликувани од британската кралица. Луис, кој доби „Златен глобус“ за неговата улога во ТВ-драмата „Татковина“, го доби Орденот на Британската Империја за заслуги во глумата и добротворните цели - покренување кампања со неговата покојна сопруга Хелен Меккрори за собирање милион фунти за обезбедување храна за здравствените работници за време на пандемијата. Фостер, која беше прва министерка во својата британска покраина меѓу 2016. и 2021 година, и писателот на криминалистички приказни, Ијан Ранкин, добија витешки титули. Настанот ќе биде проследен со барем 16.000 улични забави низ Англија, како што се најавува. Пред речиси еден месец, т.н. Швајцарски ролат со лимон и ‘Амарети’-парчиња“ беше избран за официјален десерт на платинестата годишнина од владеењето на британската кралица Елизабета Втора. Оригиналниот рецепт за тортата е на Џема Мелвин, а е инспириран од коктелот со лимон послужен на свадбата на кралицата со принцот Филип во 1947 година. Ролатот содржи парчиња лимон, крем, желе „Сент Клементс“, мандарина и парчиња бисквити „Амарети“. Можеби најважниот услов на организаторите беше она - тортата да може да се направи лесно и од гледачите дома, па и тие да се насладуваат со истиот рецепт при националната прослава во земјата. си/паг/

Остани поврзан