• среда, 19 март 2025

Кражба на идентитет: Современи методи и како да се заштитиме?

Кражба на идентитет: Современи методи и како да се заштитиме?

Лондон, 19 март 2025 (МИА) - Кражбата на идентитет е една од најголемите опасности во дигиталниот свет. Она што порано беше само дел од хакерските филмови - денес е секојдневие: Еден ден Вашите картички и телефонот, просто, престануваат да работат, а некој друг ги троши Вашите пари. Притоа, жртвата честопати не ни знае дека е жртва, сѐ додека не дојдат последиците, пренесува британски „Телеграф“.

Со оглед на ризикот и вложеното време, крадците на идентитет внимателно избираат кон кого целат. Слично како форензичарите кои ловат осомничени, на пр., и криминалците на дигиталниот дел од светот користат разни и различни методи на профилирање. Но, што всушност значи кражба на идентитет?

Одговорот е во називот, и тој укажува на присвојување туѓи лични податоци и нивна злоупотреба за свои цели и корист. Ова не мора да значи дека измамникот Ве заменува во секојдневниот живот, што е, всушност, ретко.

Ако некој ги користи туѓите податоци од кредитна картичка без дозвола, има пристап до е-пошта и пораките или се регистрира на интернет-локации или пристапи до нечија сметка или криптоберза, тој извршил и измама со идентитетот - меѓу другите кривични дела.

Како крадците на идентитет ги избираат своите жртви? За да извршат кражба на идентитет, сторителот: - Избира потенцијална жртва; се собираат информации за таа личност; се преземаат (се одзема пристапот до) нејзиниот (неговиот) идентитет, или делови од него; се користат податоците, најчесто за финансиска добивка, но и други злоупотреби. 

Подробностите варираат, а некои измами вклучуваат и дополнителни чекори, па стануваат исклучително сложени, но горенаведеново е основниот процес. Се вели: Првите фази се клучни за профилирањето, и тука жртвата може да направи најмногу за да не падне во замката на крадците на идентитет.

Постојат повеќе начини да станете цел на крадци на идентитет, и тие се сведуваат на три групи: Ветување за голема заработка, изгледате како лесна цел, или во најлош случај - комбинација од двете.

Целта на кражбата на идентитетот е злоупотреба на личните податоци на жртвата, како што е единствениот матичен број - заради натамошни злоупотреби. Тоа може да биде празнење банкарски сметки, крипто-сметки, уцени, закани и слични престапи и злосторства. Украдените идентитети често служат и како покритие за друг криминал, оставајќи ја жртвата да ги сноси последиците од делото за коешто не е ни свесна. Затоа, превенцијата (спречувањето), а не интервенцијата, е поевтина, полесна и помалку стресна.

Напредни методи за собирање податоци

Не мора да се биде богат за да се стане цел на хакер. И ако неодамна сте продале куќа или автомобил, брокерите на податоци снимаат такви трансакции, а крадците на идентитет знаат да бараат луѓе кои штотуку направиле продажба, бидејќи токму таа жртва има поголема сума пари на располагање во тој миг. Сè што укажува на финансиска стабилност или добар кредитен рејтинг - може да го привлече вниманието на интернет-измамниците.

Совети: Не оставајте ни кутии од скапи уреди на видно место во контејнер или на улица; Не фалете се со успеси на крипто-работењето на интернет и не им дозволувајте на посредниците за податоци да ја шират веста за Вашето одење в пензионирање, добивање наследство и сл.

Современите крадци на идентитет е пребаруваат на интернет (но и пошироко) за нечии лични податоци. Ова се нарекува „интелигенција со отворен код“ или ОСИНТ.

Редовната Ваша употреба на одреден пребарувач може да ги открие профилите на социјалните мрежи, фотографии, па дури и информации за Вашата работа, образование или работна историја. Тие ги користат овие информации за да пристапат до Вашите сметки, па дури и да ги најдат Вашите најблиски или да Ве сретнат во живо.

Со социјалните мрежи, барањето луѓе преку пребарување приватни профили е достапно за (речиси) без пари и неколку кликнувања.

Совет: За да се заштитите, бидете внимателни со информациите што ги споделувате на интернет, особено на социјалните мрежи. Размислете за услуги коишто ги отстрануваат или барем ги сокриваат личните податоци.

Откако ќе ги исцрпат јавните извори, крадците на идентитет се свртуваат кон други методи за да ги пополнат празнините. Ова може да вклучува купување податоци (кориснички имиња, е-пошта, лозинки) и од интернет-подземјето.

Е-поштата и СИМ-картичките се приоритет за нив бидејќи им овозможуваат да ги ресетираат лозинките за други сметки. Обичен интернет-корисник обично нема пристап до интернет-подземјето, но може да ја намалите туѓата корисност на Вашите профили. Совет: Користете силни и сложени лозинки за секоја сметка.

Профилирањето завршува кога крадците имаат доволно податоци за да преземат нечија сметка. Тие не ги таргетираат сите профили на една личност, туку само клучните еден или два, заедно со е-поштата, заради ресетирање на лозинките и одземање на Вашиот пристап. Ако ги повторувате лозинките при менувањето, крадците лесно ги пробиваат.

Дури ни двофакторната автентикација преку СМС, во таков случај, не Ве заштитува. Зошто? Затоа што крадецот можееби го има Вашиот број на неговата СИМ-картичка (преку хакерска „СИМ-замена“). Во тој миг, идентитетот на жртвата е украден, па следи најлошиот дел - искористувањето. си/ссм/

Фото: Фрипик

Остани поврзан