• вторник, 23 јули 2024

Коњановски: Имаме акциски планови за седум клучни подрачја во Битола

Коњановски: Имаме акциски планови за седум клучни подрачја во Битола

Битола, 28 октомври 2021 (МИА)Гарантирам дека во рок од седум дена од моето официјално преземање на градоначалничката обврска почнувам со чекори за операционализирање и конкретизирање на активностите кои ќе значат работа и функционирање на Општина Битола, изјави кандидатот за градоначалник на Битола од ВМРО ДПМНЕ, Тони Коњановски.

Во изборната програма, како што рече, имаме прецизни акциски планови за седум клучни подрачја.

-Подобри услови за живот за сите луѓе кои живеат во општина Битола со најмалку две нови инвестици и нови работни места за младите, ефикасна дигитализирана општина, урбана инфраструктура веднаш, зелена и чиста Битола, образование за 21 век, социјална заштита според индивидуалните потреби на секој поединец, разновидна и уникатна културна понуда, Битола не смее да губи ни ден во борбата за здрава животна средина, Битола топ туристичка дестинација и седмо, Битола град на спортот, на спортистите и спортската публика, наброи Коњановски.

Во изјава за медиумите, Коњановски потврди дека во првите 70 дена гарантира резултати од преземените активности и плановите за остварување на 241 проект, кои, како што рече, се неопходно потребни за Битола.

-Заради најмалку седум причини, на 31 октомври остануваме на заедничката страна и победуваме заедно за Битола, за секој од нас, за нашите деца, нашите внуци. Подготвен сум да ги реализирам овие 241 проект, знам како да направам оперативен план и стручни тимови, тоа да биде ефикасно и ефективно реализирано. Општината е јавен сервис и ќе работи исклучиво во партнерство со сите граѓани. Свесен сум дека треба некои работи од темел да ги покренеме и силно да притискаме за нивна реализација, како гасификацијата и топлификацијатаТврдам дека целиот интелектуален, стручен и граѓански потенцијал ќе го мобилизирам во интерес на градот, затоа што како досегашен советник точно знам како функционира локалната самоуправа и како може да се подобри тоа, посочи Коњановски. мт/мд/

Остани поврзан