• четврток, 20 февруари 2025

Кошта по средбата со Келог: Потребен ни е договор за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина и за безбедност во Европа 

Кошта по средбата со Келог: Потребен ни е договор за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина и за безбедност во Европа 

Брисел, 18 февруари 2025 (МИА) - Мирот не може да биде едноставен прекин на огнот - потребен ни е договор кој ќе обезбеди сеопфатен, праведен и траен мир во Украина и безбедност во Европа, порача претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта по денешната средба во Брисел со специјалниот американски пратеник за Украина и Русија, генералот Кит Келог.  

Кошта во објава на Икс посочи дека на средбата што се одржала во овој „решавачки момент“ со Келог разговарале за перспективите за мир во Украина. 

- Украина може да смета на Европа. Подготвени сме да продолжиме да работиме конструктивно со САД за да обезбедиме мир и безбедност, наведе Кошта во објавата. 

Келог од своја страна, исто така во објава на Икс наведе дека имал „одлични дискусии во Брисел со претседателот на ЕУ, Кошта“. 

Претходно, претпладнево Келог се сретна и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која по средбата порача дека ЕУ сака да биде партнер со САД за да се обезбеди праведен и траен мир за Украина 

Келог вчера во Брисел се сретна и со еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус, како и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. сп/

Фото: Икс

Остани поврзан