Кошта и Фон дер Лајен на Самит ЕУ-Јужна Африка во Кејптаун
- Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска престојуваат во Кејптаун, каде ќе учествуваат на Самитот ЕУ-Јужна Африка посветен на зајакнување на меѓусебното стратешкото партнерство, трговската размена и инвестициите.

Брисел, 13 март 2025 (МИА) - Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска престојуваат во Кејптаун, каде ќе учествуваат на Самитот ЕУ-Јужна Африка посветен на зајакнување на меѓусебното стратешкото партнерство, трговската размена и инвестициите.
Како што соопшти Европската комисија, денешниот Самит, прв по 2018 година, е можност за потврда на посветеноста на Европа на нејзиното партнерство со Јужна Африка, зајакнување меѓусебните стратешки врски и заедничко справување со глобалните предизвици.
Во пресрет на Самитот, Кошта порача дека ЕУ е посветена на зајакнување на долгогодишното и геостратешко партнерство со Јужна Африка, кое особено добива на значење имајќи ги предвид актуелните геополитички предизвици.
- Со нетрпение го очекувам Самитот и нашите дискусии за подобрување на економските односи, енергетската транзиција, безбедноста и одбраната, одржливите синџири на вредности и мултилатералната соработка, нагласи Кошта.
Фон дер Лајен, пак, оцени дека променетиот геополитички пејзаж ги прави силните партнерства поважни од кога било досега.
- Одам во Кејптаун со една цел. Да ја зајакнеме нашата уникатна врска со Јужна Африка, да ја подигнеме нашата соработка во трговијата, критичните суровини и чиста енергија на повисоко ниво и да донесеме нови инвестиции во рамките на (иницијативата на ЕУ) „Глобална порта“, изјави Фон дер Лајен пред заминувањето за Кејптаун.
Претседателката на ЕК порача и дека Европа го цени своето партнерство со Јужна Африка, исто како што таа лично го ценам нејзиното пријателство со јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоза.
- Јужна Африка може да смета на Европа и знам дека и Европа може да смета на Јужна Африка, додаде Фон дер Лајен.
Предвидено е на Самитот да се разговара за можностите за понатамошно зајакнување на трговските и инвестициските врски врз основа на заеднички интереси за развој на чиста технологија и одржливи синџири на снабдување и унапредување на вештините и технологијата.
На Самитот, според најавите, Фон дер Лајен ќе промовира „Глобален инвестициски пакет“ на ЕУ за Јужна Африка, кој ќе вклучува исплата на средства преку грантови и заеми европски и локални финансиски институции наменети за инвестициски проекти поврзани со зелен водород преработка на критичните минерали и чиста економија, за изградба транспортните коридори и 5Г инфраструктура, како и за зајакнување на капацитетите за производство на вакцини.
Меѓу темите за дискусија на средбата ќе бидат и повеќе регионални прашања и геополитички предизвици, како руската агресија врз Украина, ситуацијата на Блискиот Исток и ескалацијата на насилството во Демократска Република Конго, особено од аспект на актуелното претседавање на Јужна Африка со Г20 и Самит ЕУ-Африканска Унија што треба да се одржи во текот на оваа година.
Во рамки на денешниот Самитот, Заедничкиот истражувачки центар (ЈТЦ) на Европската комисија и Јужноафриканската инфраструктура за истражувања во нуклеарната медицина (НуМеРи) ќе потпишат Договор за соработка за поддршка болниците во Јужна Африка за рано дијагностицирање и лекување на ракот. сп/
Фото: ЕУ