Кошта и Фон дер Лајен на вечера со Вучиќ во Брисел, а Соренсен во посета на Белград
- Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен утре ќе имаат заедничка вечера со српскиот претседател Александар Вучиќ, додека специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, Петер Соренсен од денеска до среда ќе престојува во посета на Белград, јави дописникот на МИА од Брисел.

Брисел, 24 март 2025 (МИА) – Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен утре во Брисел ќе имаат заедничка вечера со српскиот претседател Александар Вучиќ, додека специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, Петер Соренсен од денеска до среда ќе престојува во посета на Белград, јави дописникот на МИА од Брисел.
- Вечерата ќе биде можност да се разговара за голем број прашања и сигурно и актуелните протести што се одржуваат во Србија ќе бидат дел од дискусиите, изјави главната портпаролка на Европската комисија Паула Пињо, додавајќи дека Унијата ја охрабрува Србија да работи на спроведување на реформите што треба да ги направи.
На новинарско прашање „дали вечерата претставува поддршка“ од ЕУ за Вучиќ, Пињо изјави дека Фон дер Лајен има средби со лидери од целиот свет на редовна основа и тие се можност да се разговара за прашања за кои понекогаш се имаат различни ставови, како и за различни аспекти од тековната агенда.
Запрашана дали покрај со Вучиќ, се планираат такви одвоени вечери и со други лидери од земјите од Западниот Балкан, Пињо одговори дека таквата можност не е исклучена во наредниот период.
- Ако има можности претседателката ги разгледа и под услов да има простор во нејзината агенда, најчесто дава позитивен одговор, особено кога лидерите доаѓаат во Брисел, додаде Пињо.
Во врска со обвинувањата на Вучиќ дека Западот ги организира протестите во Србија, Пињо изјави дека ЕУ „сигурно не стои зад овие протести“, но дека причините за незадоволството што доведоа до нив „може да биде предмет на дискусија на утрешната средба со претседателот“.
На прашање дали ЕУ е во контакт со Вашингтон околу случувањата на Западниот Балкан, портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер изјави дека Унијата соработува со САД и со останатите партнери кога станува збор за дијалогот Белград-Приштина и за останатите балкански прашања, но дека засега нема што „поконкретно да додаде“ за тие контакти.
- Кога станува збор за дијалогот, ЕУ е многу посветена на него. Патот кон Европската Унија за двете страни оди преку дијалогот со посредство на ЕУ, додаде Хипер. сп/
Фото: МИА Архива