Кохезија или кратења? ЕУ се соочува со тешки одлуки во врска со предлозите за долгорочниот буџет
- Пред да ги објави своите предлози за следната Повеќегодишна финансиска рамка, Европската комисија се сврте кон поедноставување на буџетот, а политичарите се свртеа кон заштитата на своите приоритети.
ЕНР - Брисел
16 јули 2025
Европската комисија ќе ги обелодени своите предлози за долгорочнот буџет, но пратеничките групи во Европскиот парламент и некои земји членки веќе им се спротивставуваат, поради сѐ поразличните ставови околу распределбата на средствата меѓу одбраната, справувањето со климатските промени, социјалната грижа и регионалниот развој.
Политичките препукувања во ЕП во врска со тоа што ќе биде опфатено се засилија кога комисијата навести дека сака да го поедностави буџетот. А претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен се соочи и со барање за гласање недоверба што, иако поврзано со друго прашање, ги извлече на површина неодамнешните тензии меѓу центристичките пратенички групи.
Барањето беше убедливо одбиени на гласањето минатиот четврток.
Што е, всушност, Повеќегодишната финансиска рамка?
Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ е план за нејзиниот долгорочен буџет. Предвидува колку пари може да потроши ЕУ во следните седум години и на што. Сегашната Повеќегодишна финансиска рамка го опфаќа периодот од 2021 до 2027 и одвојува над еден билион евра за приоритети како справување со климатските промени, дигитално иновирање, земјоделство, истражувања и регионален развој. Обезбедува финансиска стабилност и ги насочува трошоците на ЕУ во согласност со нејзините пошироки цели. Рамката ја предлага Европската комисија, а ја одобруваат земјите членки и Европскиот парламент.
При носењето одлука за Повеќегодишната финансиска рамка, земјите членки и Европскиот парламент не се еднакви. За рамката да биде одобрена, земјите членки треба да постигнат едногласен договор, а потребна е и согласност од Европскиот парламент. Ова не е заедничко одлучување во кое Европскиот совет и Европскиот парламент се еднакви.
Согласноста од ЕП значи дека парламентот може или да ја прифати или да ја отфрли рамката — околу која се согласиле земјите членки — но не може да ја менува.
Покрај преку придонесите на земјите членки, буџетот се финансира и преку увозните царини и преку дел од данокот на додадена вредност што се плаќа во унијата. Но, во иднина, може да се финансира и преку граничниот данок на јаглерод— кој почна постепено да се воведува — или преку евентуален данок на дигитални услуги.
Какви измени се можни во следниот буџет?
За следната Повеќегодишна финансиска рамка за 2028-2034, ЕК даде идеја секоја земја членка да направи сопствен план за тоа како ќе ги троши европските фондови, а планот ќе ги опфати политиките за кохезија и за земјоделство, две области на кои одат околу две третини од буџетот.
Пристапов е идентичен со пристапот кон примената на фондовите за закрепнување од пандемијата: Секоја земја ќе добие сопствен финансиски пакет, а парите ќе се доделат веднаш штом ќе бидат направени планираните реформи и важни чекори одобрени од ЕУ.
Предложените промени би ѝ дозволиле на ЕК да ги додели фондовите за кохезија на владите на државите, давајќи им поголема контрола врз регионалната распределба на парите. Но противниците велат дека вака може да се зголеми постоечката нееднаквост во самите земји и да се намали улогата на локалните власти во носењето одлуки за тоа како да се потрошат парите.
Четиринаесет земји членки, меѓу кои Бугарија, Хрватска, Словенија и Чешка, се против идејата на ЕК. Бугарските власти тврдат дека регионалните разлики сѐ уште се голем предизвик и дека фондовите за кохезија мора да останат засебен и цврст механизам за поддршка на помалку развиените области.
Според словенечкиот министер за кохезија и регионален развој Александар Јевшек, Повеќегодишната финансиска рамка треба да ги поедностави програмите и фондовите со слични цели, а на државите и на регионите не смее нагло ниту драстично да им се скратат фондовите за кохезија. Исто така, потребни се едноставни и јасни правила, тврди тој.
Словачката европратеничка Миријам Лексман, од конзервативната Европска народна партија, вели дека приоритетот на парламентот ќе биде да ја задржи структурата на европските фондови какви што се сега — како децентрализиран модел на одделни фондови, во кој регионите се вклучени најмногу што е можно во распределбата на средствата.
Но сите земји не се согласуваат со ова.
Шведска веќе долги години е една од најштедливите држави во преговорите за буџетот — а таква и ќе остане. И нејзината влада и поголемиот дел од опозицијата се залагаат за мал буџет, во кој парите ќе се пренасочат кон други приоритети наместо да се доделат нови.
„Ние, Швеѓаните, секогаш сме загрижени кога станува збор за Повеќегодишната финансиска рамка. Ќе бидеме конструктивни, но ЕУ мора да го направи тоа што го прави Шведска: да ги одреди приоритетните трошоци и да ги пренасочи парите за да ги поддржи областите на кои им се потребни повеќе пари“, изјави за печатот во Брисел министерката за финансии Елизабет Свантесон.
Шведска верува дека е можно, на пример, парите од фондовите за кохезија да се насочат кон други цели.
„Некои земји што имаат големи фондови за кохезија во одредени региони веќе не се толку сиромашни како пред 10-15 години. Имаат пари што се неискористени, што значи може да одредат други приоритети“, вели Свантесон.
Ова не е ставот на многумина во Европскиот парламент. Центристичката група Обнова бара поголем буџет и повеќе средства. Ова може да значи повисоки придонеси од 27-те земји членки. Сегашната сума од околу 160 милијарди евра годишно е прениска, според поборниците за поголем буџет на ЕУ. Особено бидејќи тие, како и Европската комисија, веруваат дека од буџетот треба да се одвои повеќе за одбраната и безбедноста.
Во мај, ЕП усвои резолуција во која побара поголем буџет. „Одбраната не може да се финансира на трошок на долгорочните инвестиции во економската, социјалната и територијалната кохезија на унијата“ се вели во усвоениот текст.
Понатаму, партијата Социјалисти и демократи се бореше за Европскиот социјален фонд да опстане во Повеќегодишната финансиска рамка. За време на дебатата во ЕП минатата недела, холандскиот европарламентарец Мохамед Чахим рече дека ако тој се скрати, „тоа што ќе остане е Европа без душа“.
Минатата среда, групата соопшти дека нејзините напори биле успешни.
„Денес групата Социјалисти и демократи извојува голема победа за сите во Европа“, објавија на Х. „Европскиот социјален фонд ќе биде вклучен во следната Повеќегодишна финансиска рамка.“
Еколошките здруженија и политичарите исто така изразија загриженост дека на некои зелени програми може да им биде скратено финансирањето поради тоа што парите се сѐ повеќе ограничени од тоа што одбраната и безбедноста станаа политички приоритет. Според сегашната Повеќегодишна финансиска рамка, државите мора да потрошат на справувањето со климатските промени барем 30% од вкупните средства.
Додека ЕК ги прави последните подготовки пред да го претстави предлогот неделава, разномислениците се веќе подготвени на расправија. Некои влади апелираат на воздржаност и поставување други приоритети. Други, пак, заедно со многумина во ЕП, бараат поголем, поамбициозен буџет што ќе биде сразмерен со сѐ поголемите одговорности на ЕУ. Имајќи ги предвид спротивставените национални интереси и приоритети за кои ќе се расправа, изгледа дека следната фаза преговори за Повеќегодишната финансиска рамка ќе биде политички наелектризирана, како и секогаш.
Фото: ЕНР/ДПА