Костадиновски: Триесесет и три години од донесување на првиот Устав, овој ден нека е потсетник на обврската да се сочува системот на вредности
- -Сите ние имаме должност доследно да го применуваме и најважно, да му бидеме лојални на Уставот. Денеска, упатувам апел до секој еден од нас дека силата на Уставот произлегува од одлучноста на секој граѓанин да застане зад него и да го брани, посочува Костадиновски.
Скопје, 17 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски упати честитка по повод 33-годишнината од донесувањето на првиот Устав.
-Со донесувањето на Уставот во 1991 година беше редизајнирано внатрешното уредување на системот и неговите институции и овој Устав го рефлектираше стремежот на тогашната генерација за слободна, суверена и самостојна Република. Со донесувањето на Уставот како највисок правен акт, се роди и надежта на граѓаните за подобар живот, демократска држава во која ќе владее правото, наведува Костадиновски, соопшти Уставен суд.
Овој ден, 17 ноември, додава Костадиновски, нека биде потсетник на обврската на нашата генерација, на секој еден од нас да не ги изневери наследените надежи и да придонесува во градењето на правната држава, да се сочува системот на вредности кој е вграден во Уставот.
-Сите ние имаме должност доследно да го применуваме и најважно, да му бидеме лојални на Уставот. Денеска, упатувам апел до секој еден од нас дека силата на Уставот произлегува од одлучноста на секој граѓанин да застане зад него и да го брани, посочува Костадиновски.
Денешниот ден, истакнува Костадиновски, нека биде уште една потврда за граѓаните, да бидат сигурни дека Уставниот суд бескомпромисно ќе го чува и штити Уставот со сите негови вредности, ќе ја брани слободата, демократијата и правната држава. нд/
Фото: Уставен суд