• петок, 22 ноември 2024

Костадиновска Стојчевска за МИА: На 13 јули трите земји од Отворен Балкан заеднички ќе се претстават преку уметноста во Париз

Костадиновска Стојчевска за МИА: На 13 јули трите земји од Отворен Балкан заеднички ќе се претстават преку уметноста во Париз

Белград, 22 јуни 2023 (МИА) - Иницијативата „Отворен Балкан“ во областа на културата започна во вторникот во Белград со реализација со гала концерт на Зубин Мехта на одбележување на стогодишнината од Белградската филхармонија и во присуство на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, по што ќе следи гостување во Тирана и на 24 јуни во Скопје.

Дописникот на МИА во Белград, по тој повод направи интервју со министерката Бисера Костадиновска Стојчевска за Отворен Балкан на културно поле, за досегашна реализација и идните проектите, што тоа значи за културата, гостувањето на Националната опера и балет во Белград следната недела, заедничкиот настап на трите земји на највисоко ниво преку уметноста на 13 јули во Париз.

-Ние веќе го подготвуваме првиот поголем настан каде сите три земји од Отворен Балкан ќе се престават преку уметноста во Република Франција, во Париз, на 13 јули. Овој процес е во поодмината фаза на организација, таму ќе бидат присутни двајцата премиери и претседателот на Република Србија, ќе присуствуваме и ние, министерките за култура, што значи дека ова ќе биде настан на највисоко ниво во срцето на Франција, каде уметноста секогаш има предност пред сите други активности, вели министерката за МИА.

Во продолжение следува целото интервју со министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска заедно со видео материјал:

Досега Отворен Балкан имаше резултати пред се на економско поле. Од синоќа со гала концерт на Зубин Мехта на одбележување на стогодишнината од Белградската филхармонија почна со реализација еден нов сегмент на Отворен Балкан на културно поле. Како дојде до проширување на оваа иницијатива и што тоа значи за културата, размената, презентацијата и соработката меѓу земјите членки на Отворен Балкан?

-Културната соработка во рамкте на Отворен Балкан ја воспоставивме уште минатата година заедно со министерките за култура на Република Србија и Република Албанија со потпишувањето на меморандум за соработка и оттаму тргна нашата иницијатива наспроти другите видови на соработка на Отворен Балкан, културата малку да добие на предност, меѓутоа да го истакнеме оној момент на предност, дека нашите култури се различни, но и многу блиски како народи. Ова е првиот поголем настан со Белградската филхармонија и со Зубин Мехта, кој што по настапот во Белград, на 22. гостува во Тирана, а во сабота на 24. гостува во нашата Филхармонија.

Меѓутоа културната соработка на Отворен Балкан е активна уште од минатата година. Така лани го имавме во Струмица првото издание на Егзит, а за годинава се подготвува и второ негово издание. Минатата година Националната опера и балет беше домаќин на Националната опера и балет од Белград, а наредната недела во Белград ќе гостува нашата опера и балет со „Госпиѓиците од Авињон“. Сето ова значи дека ваквата соработка не е нешто ново. Синоќа започнавме една поголема иницијатива во рамките на Отворен Балкан. Пред нецел месец Битолскиот народен театар гостуваше во Тирана и ние таквата соработка ја овозможуваме и ги финансираме таквите видови на соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан.

Постои уште една иницијатива што ја потпишавме тука во Белград во септември минатата година, а тоа е соработка во областа на кинематографијата, за да можеме, покрај останатото да размислуваме за заеднички копродукции. Оваа соработка сеуште е во фаза на структурирање и ќе следи состанок меѓу нашата Агенцијата за филм и соодветните институции од Србија и Албанија, која, се надевам ќе резултира со заеднички производ.

Познати се придобиките на Отворен Балкан на економско поле. Ние говориме за Отворен Балкан на културно поле. Што имаат граѓаните од оваа иницијатива во културата и кои се придобивките од ваквиот начин на соработка?

-Придобивките од културната размена со ова се на уште повисоко ниво, а тоа е чуството на емоција секогаш кога овие три земји од Отворен Балкан се заедно, кога заедно продуцираме, кога имаме заедничка театарска престава, кога имаме гостувања, тоа е она што на граѓаните им дава еден вид на посебно културно и духовно богаство и ни дава чуство на заедништво. Така да покрај тоа движење на културните работници, покрај таа размена на искуства и уметноста, го добиваме она чуство дека сепак сме заедно и преставуваме една заедница која мора да се движи напред.

Во рамки на ОБ веќе се реализирани повеќе проекти во рамки на слободниот проток на стоки, услуги, капитал и луѓе. Така преку Отворен Балкан Винскиот саем трите држави почна заеднички да настапуваат на големи манифестации во Европа и светот.

Дали постојат планови за Отворен Балкан на културно поле, за заеднички настап во Европа и зедничка презентација на културните наследства, вредностите и достигнувањата?

-Ние веќе го подготвуваме првиот поголем настан каде сите три земји од Отворен Балкан ќе се престават преку уметноста во Република Франција, во Париз, на 13 јули. Овој процес е во поодмината фаза на организација, таму ќе бидат присутни двајцата премиери и претседателот на Република Србија, ќе присуствуваме и ние, министерките за култура, што значи дека ова ќе биде настан на највисоко ниво во срцето на Франција, каде уметноста секогаш има предност пред сите други активности.

Во цела оваа соработка во рамките на Отворен Балкан, годинава, за еден таков вид на настан, ни излезе во пресрет Република Србија со ставање на располагање на нивниот Културен центар во Париз. Ова значи дека и културно-информативните центри што ние ги имаме, во Тирана, а и наскоро тука во Белград, ќе ни бидат уште една голема потпора, не само за промовирање на нашата култура, туку и за промовирање на иницијативата Отворен Балкан. Се надевам дека овие иницијативи што е можно побргу ќе заживеат и ваквите позитивни примери, какви бевме сведоци синоќа, и ќе бидеме сведоци во наредните денови, ќе дадат еден поттик за сите уметници, за иницијативи, како тоа понатаму да го развиваме и како да им помогнеме и ние како Министерство за култура и владата за ова соработка да добие уште едно повисоко ниво.

Оливер Бранковиќ

Фото: МИА

Видео и монтажа: Андреј Бранковиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан