• петок, 22 ноември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Македонската култура официјално станува дел од „Културните патеки“ на Советот на Европа

Костадиновска-Стојчевска: Македонската култура официјално станува дел од „Културните патеки“ на Советот на Европа

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) - Македонската култура, за првпат станува дел од европскиот проект, „Културните рути“ на Советот на Европа. На последното Генералното Собрание на Aсоцијацијата  прифатени се апликациите на Институтот за македонска литература од Скопје и на Институтот за старословенска култура-Прилеп. Донесена е одлука почнувајќи од 1 декември годинава, овие две значајни установи да станат полноправни членки на „Културната рута на св. Кирил и Методиј“.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, поздравувајќи го изборот, вели дека „ние сме и сакаме да бидеме и чувари и градители на европските вредности“. 

-Преку нашето учество на „Културните рути на св. Кирил и Методиј“, ја отвораме нашата земја за да ја надополниме богатата европска историја. Препознавајќи се на оваа културна рута и ние како држава, која високо ги уважува и достојно го чува споменот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, се впишуваме на овој пат преку кој сакаме и ние да ги афирмираме и да ги збогатиме сознанијата за европските културни идентитети, порачува Костадиновска-Стојчевска.

Културната рута „Кирил и Методиј“ се протега низ историски поврзани места од животот и мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, каде што патниците можат да сведочат на значајни остатоци и денес. Членки на оваа културна рута, освен Северна Македонија, се и Бугарија, Чешка, Грција, Унгарија, Словачка, Словенија, Италија и Хрватска.

Костадиновска-Стојчевска изразува задоволство што земјава станува дел од оваа значајна иницијатива и додава дека поврзувањето на фактите, на видливите сведоштва низ Културните рути на Советот на Европа, го гледаме и како можност за развивање на интеркултурниот дијалог и разбирање одблизу на историјата на Европа.

Министерката за култура најави дека нашата држава ќе аплицира и за вклучување во други „Културни рути“, кои, како што нагласи, овозможуваат богатство на слободни и едукативни активности за сите граѓани на Европа и меѓу другото се клучни ресурси за одржлив развој на културниот туризам.

Досега, преку неколку компании, државава беше дел од Рутата на маслиновите дрва и Винската рута, Итер Витис, а од минатата година, официјално пристапи кон Проширениот парцијален договор за Културните рути на Советот на Европа (ЕПА).

Иницијативата Културни рути на Советот на Европа, која е поттикната пред 35 години, има цел да го претстави заедничкото културно наследство, за подобро разбирање на европскиот културен идентитет и за обликување заеднички културен простор. вј/бак/

 

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан