• вторник, 24 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Имаме заеднички идни проекти со студентите кои го изучуваат македонскиот јазик во Загреб

Костадиновска-Стојчевска: Имаме заеднички идни проекти со студентите кои го изучуваат македонскиот јазик во Загреб
Скопје, 27 октомври 2022 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, заедно со директорката на Центарот, Наталија Поповска, се сретнаа со студенти и со професорот Ивица Баковиќ, професор по македонски јазик на Катедрата за јужнословенски јазици и книжевност при Филозофскиот факултет во Загреб. Како што информира Министерството за култура, оваа Катедра е основана во 1955/56 година, кога е основан и лекторатот по македонски јазик од Петар Кепески, брат на романсиерот, драмски писател и публицист Коле Чашуле. Во 1967/68 година, македонскиот јазик се изучувал како дел од отсекот на југословенски јазици, потоа во рамки на Катедрата на словенски јазици, а од 2003 година е дел од Катедрата за јужнословенски јазици и литература. - Возбудлива и инспиративна беше средбата со студентите и со Баковиќ, кои ги споделија своите искуства, презентираа текстови и поезија на македонски јазик, зборуваа за предизвиците со кои се среќаваат при преводот на литературите на двата јазика, а нè информираа и за реформите на студиската програма со кои се задржува македонскиот јазик во сите четири години на студиите, рече Костадиновска-Стојчевска. На средбата стана збор за начините како да се олесни и интензивира соработката на полето на преводот и како да се зголеми тој фонд. - Разговаравме за можни заеднички проекти меѓу Институтите за јазик и за литература на двете земји, за можностите кои ги дава соработката со Советот за македонски јазик, како и со Семинарот за македонски јазик, литература и култура. Ја посочивме потребата од решавање на финансиските прашања околу интензивирање на екскурзии и теренска настава на студентите и размена на студенти со Катедрата за македонски јазик од Филолошкиот факултет во Скопје, со Педагошкиот факултет од Битола, поврзување со институциите кои важни за македонистиката, истакна Костадиновска-Стојчевска На оваа средба во македонскиот КИЦ, младите читаа извадоци од делата на Славко Јаневски, како и извадоци од македонските народни приказни. Во Загреб во две основни и во едно средно училиште има изборен македонски јазик, a во оваа прилика младиот Јани Иванковиќ, роден во Загреб, рецитираше стихотворба на македонски јазик. Блиските врски со Хрватска ги потврди и Афродита Силјаноска, млада балерина која пред осум месеци се доселила во Загреб. - Сите присутни изразија задоволство од отворањето на македонскиот КИЦ, место кое го доживуваат како освежување за уметничката сцена и како охрабрување на младите уметници да ги користат бенефитите од соработката во културата меѓу двете земји, се вели во соопштението од Министерството за култура. мд/сп/

Остани поврзан