• четврток, 26 декември 2024

Косовско МНР: На Петковиќ му се забрани влез во Косово поради неговиот говор на омраза

Косовско МНР: На Петковиќ му се забрани влез во Косово поради неговиот говор на омраза
Приштина, 27 септември 2022 (МИА) – Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово појасни вечерва дека на директорот на Канцеларијата за Косово при Владата на Србија му е забранет влезот во земјата, поради говорот што тој го користи, а кој е спротивен на меѓудржавните договори потпишани со посредство на Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина. Во соопштението на косовското МНР се наведува дека „директорот на таканаречената Канцеларија за Косово при српската Влада, Петар Петковиќ е предупреден дека неговиот говор е во спротивност со спогодбите (меѓу двете држави) и следствено на тоа води кон одбивање на барањето за влез во Косово“. -Постојано повторуваните ставови на Петковиќ во однос на Република Косово се со крајно дезинформирачки и пропагандистички карактер и имаат за цел предизвикување омраза. Неиздавањето дозвола за посета се заснова на перманентното непочитување од страна на Петар Петковиќ на договорот во врска со меѓусебните посети на политичките претставници, потпишан во Брисел меѓу Република Косово и Србија, се вели во соопштението. Властите во Приштина денеска, по деветти пат од почетокот на минатата година, го одбија барањето на Петковиќ за посета на Косово, но за последната одлука до вечерва немаше образложение за причините зошто му е забранет влезот во земјата. Петковиќ, според државната српска телевизија РТС, денеска, по повод верскиот празник Крстовден, требало да присуствува на свеченоста на отворањето на плоштадот во Северна Митровица што ќе го носи името на браќата Милиќ, близнаци кои страдале како припадници на српските сили во војната во Косово во 1999 година. Тој исто така во градската болница требало да посети млад Србин, за кого српските медиуми тврдат дека бил нападнат и ранет со нож од косовски Албанци. иа/

Остани поврзан