• четврток, 21 ноември 2024

Косовската претседателка не е консултирана и не се согласува со писмото на Владата до СЕ во врска со ЗСО

Косовската претседателка не е консултирана и не се согласува со писмото на Владата до СЕ во врска со ЗСО

Приштина, 16 мај 2024 (МИА) – Кабинетот на косовската претседателка, Вјоса Османи соопшти дека писмото на Владата, испратено вчера до Советот на Европа, со кое се најавува подготовка на нацрт-статут за Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) од страна на косовската Влада, не било изготвено и испратено во консултација со претседателката и дека таа со истото не се согласува, јави дописникот на МИА од Приштина.

Беким Купина, советник за медиуми при Претседателството, преку соопштение за јавноста наведува дека „каков било дериват од прелиминарното писмо за намери потпишано од трите институции“ - претседателката Османи, собранискиот спикер Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти, во однос на намерата за создавање на ЗСО, мора да биде координиран и одобрен од трите институции.

„Претседателката Османи поддржува само позиции и дејствија претходно консултирани, координирани и договорени со институцијата Претседател како уставна институција со јасни овластувања во областа на надворешната политика и како чувар на уставното функционирање на институциите. Ова писмо не е такво. Можеби е консултирано и координирано со поединци надвор од институциите кои денеска го објавија овој допис, но не и со Претседателката“, посочи советникот на Османи, Купина.

Во неговото соопштение се наведува дека претседателката Османи ќе поддржи секаква акција во насока на остварување на членството, во целосна согласност со државните интереси и Уставот на Република Косово.

„Затоа се прават напори да се убедат земјите членки што поскоро да свикаат вонредна седница на која ќе гласаат за членство на Косово во оваа организација (СЕ)“, наведе Купина.

Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала на денешната прес-конференција беше прашана дали писмото што го испрати до Советот е однапред договорено со Османи, но не даде конкретен одговор, туку само кратко рече дека се координирала „со сите институции“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан