• вторник, 24 декември 2024

Косовската претседателка им даде рок на партиите до утре да се изјаснат за датумот на идните парламентарни избори

Косовската претседателка им даде рок на партиите до утре да се изјаснат за датумот на идните парламентарни избори

Приштина, 15 август 2024 (МИА) – Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека политичките партии имаат рок до утре да ги испратат дополнителните прашања што ги имаат во врска со одредувањето на датумот за следните парламентарни избори, што треба да се одржат на почетокот на 2025 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Османи рече дека добилa одговори од повеќето политички партии, додавајќи дека и владејачката партија Движење Самопределување (ВВ), на чие чело е премиерот Албин Курти, испратила свој предлог за датумот на изборите.

„Денеска не го објавувам датумот, меѓутоа, на партиите им дадовме рок до крајот на оваа недела доколку имаат дополнителни прашања што не ги покренале тој ден (на средбата кај неа на 31 јули), во меѓувреме да ги покренат. Добивме одговори од огромното мнозинство. Имаме рок до утре до крајот на работното време да слушнеме дали имаат дополнителни проценки и откако утре ќе истече рокот ќе седнеме и ќе ги слушнеме оценките на мојот кабинет, на правниот тим“, изјави Османи пред новинарите.

Таа нагласи дека сите партии ги покренале своите прашања, но на крајот е дискреционо право на институцијата Претседател на државата да го избере датумот што го смета за најсоодветен.

„Искрено, нема разлики - една недела повеќе или помалку - верувам дека не прават голема разлика. Да, пред два дена ја информиравме јавноста дека претседателот на ВВ, воедно и премиер, писмено ме извести за преферираниот датум на ВВ“, рече Османи.

Косовската претседателка на 31 јули одржа консултативна средба со лидерите на политичките партии за да ги добие нивните преференции за датумот на изборите. На оваа средба не присуствуваше првиот човек на владејачката партија, премиерот Курти, како и главната партија на косовските Срби, Српска Листа.

Со оглед дека расположливите датуми се блиску еден до друг, Османи по средбата изјави дека нема големи разлики или инсистирања од партиските лидери кои учествуваа на средбата.

„Нашата дискусија беше во контекст на овие четири датуми. Како што можете да замислите, немаше претерано инсистирање, имаше преференции бидејќи разликата не е многу голема, зборуваме за неколку недели. Некои партии се за 26 јануари, три или четири други го претпочитаа 9 февруари, две или три 16 февруари, а имаше и партии кои немаа преференции. Сè уште сме во рокот за консултации“, рече таа на прес-конференцијата по средбата.

Лидерите на трите албански пзрламентарни опозициски партии беа на ист став дека изборите треба да се одржат на 26 јануари.

Наредните парламентарни избори во Косово ќе бидат првите редовни избори во државата од нејзиното прогласување независност во 2008 година. иа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан