• петок, 22 ноември 2024

Косово: Приведени полицајци кои ранија Србин близу полициски пункт

Косово: Приведени полицајци кои ранија Србин близу полициски пункт

Приштина, 12 април 2023 (МИА) - Полицискиот инспекторат на Косово соопшти дека се уапсени четворица припадници на косовската полиција кои претходно беа суспендирани поради тоа што со огнено оружје ранија Србин во северниот дел на земјата.

Канцеларијата на Европската Унија во Косово синоќа го осуди ранувањето на косовски Србин во близина на контролниот пункт на косовската полиција на мостот Бистрица во општина Звечан, пренесува Бета.

„ЕУ во Косово го осудува безбедносниот инцидент во кој косовски Србин беше ранет со огнено оружје во понеделникот навечер во близина на контролниот пункт на косовската полиција на мостот Бистрица во општина Звечан. Сите релевантни судски институции сега треба да спроведат брза и темелна истрага и одговорните да ги изведат пред лицето на правдата“, се вели во соопштението на Канцеларијата на ЕУ, објавено на Твитер.

Инцидентот претходно го осуди и американската амбасада во Косово.

Косовската полиција, вчера изутрина негираше вмешаност на полицијата во овој случај, но подоцна соопшти дека суспендирала четворица полицајци за кои постои сомневање дека се вмешани, меѓу кои и еден кој можеби пукал од огнено оружје.

Ова ја загрижи американската амбасада во Косово, која повика да се спроведе истрага за инцидентот.

„Сите граѓани мора да имаат доверба во транспарентноста на органите на прогонот и на судскиот сектор. Поддршката на Соединетите Американски Држави на институциите на владеење на правото ја унапредува заедничката визија за демократска и мултиетничка држава“, изјави американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер.

Според него, „сите одговорни за овие криминални дела мора да одговараат“.

Во соопштението, косовската полиција наведува дека согласно законските процедури го известила косовскиот полициски инспекторат и надлежното обвинителство за понатамошна кривична постапка.

„Косовската полиција ќе продолжи да ги извршува своите службени дејствија во согласност со законските овластувања, ќе ја информира јавноста на фер и непристрасен начин, без разлика кој е вклучен во случајот и под кои околности, и нема да постапува поинаку, освен во согласност со законите“, се наведува во соопштението.

Од полицијата изјавија дека тесно ќе соработуваат со инспекторатот и обвинителството, за да се утврди одговорност за полициските службеници кои не се придржуваат и не постапуваат според највисоките етички и професионални стандарди.

Потоа беше објавено дека се уапсени четворицата суспендирани полицајци. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан