Концерт на Елтон Џон во Белата куќа
- Предвидено е Бајден и неговата сопруга да одржат говори.
Вашингтон, 21 септември 2022 (МИА) - Белата куќа утре ќе биде домаќин на британскиот музичар Елтон Џон, кој ќе одржи концерт за „прославување на обединувачката и обновувачка моќ на музиката“, соопшти денеска американската Администрација.
Белата куќа ги покани на концертот „оние кои секојдневно пишуваат историја, вклучувајќи тука едукатори, медицински работници, студенти, активисти за правата на ЛГБТ заедницата и луѓе кои се залагаат за подобра грижа за менталното здравје... Претседателот на САД, Џозеф Бајден и неговата сопруга Џил исто така ќе ја поздрават британската поп-легенда“, се додава во соопштението. Предвидено е Бајден и првата дама на САД да одржат говори. Елтон Џон, кој минатата пролет го прослави својот 75. роденден, е познат по хитовите „Goodbye Yellow Brick Road“, „Your Song“, „Rocket Man“ и „Can You Feel The Love Tonight“. Како светска ѕвезда, тој јавно се изјаснува како геј и е посветен на борба против СИДА-та. си/