• сабота, 23 ноември 2024

Конференција: Потребно интензивирање на медиумските реформи и обезбедување независност и финансиска стабилност на регулаторот за медиуми

Конференција: Потребно интензивирање на медиумските реформи и обезбедување независност и финансиска стабилност на регулаторот за медиуми
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Слободните и независни медиуми се столб на демократијата и предуслов за инклузивен развој на општеството, а растечката употреба на интернетот и на дигиталните медиуми, придонесуваат за менување и на аудиовизуелните навики на луѓето. Брзото ширење на информациите и дезинформациите преку интернет платформите, поттикнува сосема нови трендови во информирањето и кај традиционалните медиуми, што, за жал, придонесува сензационализмот и површноста, често да имаат предност пред истражувачкото новинарство и дистрибуцијата на точни и релевантни информации. Во таа насока, сѐ повеќе расте потребата од независни и одговорни регулаторни тела, кои имаат значајна улога во промоцијата и одржувањето на слободата на изразување, почитувањето на различноста и заштитата на маргинализираните групи во медиумското известување. Ова го истакна во видео - обраќањето претседателот Стево Пендаровски на отворањето на регионалната конференција во организација на Агенцијата за аудио визуелни медиумски услуги по повод 25 години од формирањето на Советот за радиодифузија, чиј правен наследник е АВМУ. Според него, со отворањето на нашите преговори за членство во ЕУ, се отвораат и нови обврски и предизвици пред АВМУ во контекст на усогласување на националното законодавство со европската легислатива во медиумската сфера. -Во изминативе неколку извештаи Европската Комисија го нотира подобрувањето во медиумската сфера и проактивниот пристап на регулаторот за медиуми во поттикнување на медиумскиот плурализам, посветеноста на унапредување на професионалните новинарски стандарди и промовирање на медиумската писменост. Имајќи ја предвид нужноста ваквите трендови да продолжат, треба да се работи на интензивирање на медиумските реформи, но и на обезбедување на независноста и финансиската стабилност на јавниот радиодифузен сервис и регулаторот за медиуми, што вклучува, меѓу останатото и префрлање на буџетски пропишаните средства за развој на радиодифузната дејност. Сето ова е значајно за напредокот во медиумската сфера и за достигнување на европските стандарди во слободата на изразување и информирање, што се заедно влијае врз севкупниот демократски развој на државите, истакна Пендаровски. Шефот на делегацијата на ЕУ амбасадорот Дејвид Гир во контекст на реформите во земјава која ги почна преговорите за пристапување на 19 јули, годинава, порача дека утре започнува т.н. билатерален скрининг кој што е најтешкиот дел од скринингот, со кој длабински се навлегува во секој сектор, а е пред се фокусиран на реформите односно усогласување на земјата со законите на ЕУ и добрите практики, што ќе донесе постепено, но прогресивни подорбувања во животот на граѓаните. Извештајот на ЕУ за земјата во сферата на меидумите нотира, рече Гир, умерена подготвеност и ограничен напредок во последната година со конкретни препораки меѓу другото и за зајакнување на независноста на медиумските регулатори и на јавниот радиодифузен сервис, за што вели, потребно е да се преземат активности веднаш, а тука е и поддршката од ЕК. -Од своја страна ЕУ обезбеди поддршка за реформите во медиумите. За таа цел ЕУ во текот на 2015 - 2020 година поддржа проекти во кои беа вклучени медиумите, граѓанското општетство со грантови во вредност од над 3 милиони евра за да ја зајакнеме медиумската писменост, истражувачкото новинарство и критичкото размислување. Постојат нови проекти финансирани од ЕУ во вредност од над 40 милиони евра за поддршка на националното законодавство и негово усогласување со ЕУ регулативата. Ова се однесува на независните медиумски регулатори, јавниот сервис и медиумските здруженија за зајакнување на правата на новинарите, рече Гир. Според Зоран Трајчевски, директорот на АВМУ, регулаторното тело кое е најстаро во земјава и едно од најстарите во регионот има особено важна улога во заштитата на слободата на медиумите, слободата на изразување и во обезбедувањето слободен простор за изнесување различни мислења и идеи без цензура, а прилог кон тоа е и денешниот регионален состанок „Регулаторните тела за медиуми во новото медиумско опкружување – како да се гарантира независноста“, кој го организираат по повод 25 годишнината од нивното формирање.  -Идејата за медиумска регулација се темелеше на визијата за современа европска регулација која ќе воспостави еднакви правила за фер игра, односно ќе ги постави темелите за унапредување на слободата на изразувањето и медиумскиот плурализам и ќе придонесе за натамошното демократизирање и професионализирање на македонските медиуми. Четврт век постоење е доволен показател за доброто и успешно работење на македонскиот регулатор за медиуми во поттикнување на слободата на изразување и медиумската писменост, заштита и развој на плурализмот, спречување на недозволена медиумска концентрација, заштита на малолетните лица, заштита на националните, но и интересите на граѓаните во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, рече Трајчевски. На состанокот во Скопје присуствуваат претставници на регулаторните тела за медиуми на Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Бугарија. вг/ац/

Остани поврзан