• четврток, 26 март 2026

Конференција посветена на иднината на комуналниот сектор, дигитализацијата ќе ги намали проблемите

Конференција посветена на иднината на комуналниот сектор, дигитализацијата ќе ги намали проблемите

Охрид, 12 јуни 2025 (МИА) - Најмалку 150 милиони евра инвестиции се потребни за управувањето со отпадот и над 1,5 милијарди евра за водните ресурси до 2040 година, истакна денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински на отворањето на 12. меѓународна конференција посветена на иднината на комуналниот сектор, што се одржува во Охрид во организација на АДКОМ - Здружение на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија.

Состојбата во која се наоѓаат комуналните претпријатија во државата, според него, е резултат на повеќе фактори. 

- Еден од најзагрижувачките е енормниот раст на долговите. Цената на водата, како основен ресурс, со години наназад останува непроменета, и покрај тоа што оперативните и енергетските трошоци бележат континуиран и повеќекратен раст, истакна Перински. 

Како илустрација го спомена јавното претпријатие „Водовод и канализација“ во Скопје, кое во 2024 година генерирало обврски кон добавувачите од 1.090.196.138 денари, што, според него, претставува драматично зголемување во однос на 2023 година, кога обврските изнесувале 621.663.474 денари.

Јавните претпријатија, нагласи, се соочуваат со наталожени долгови од енормно големите сметки за електрична енергија. 

Нагласи дека унапредувањето на услугите на комуналниот сектор преку осовременување на комуналната инфраструктура и модернизирање на работните процеси на јавните претпријатија е клучен приоритет и како таков е соодветно дефиниран во Програмата за децентрализација и одржлив локален развој за периодот 2021-2026. Преку системски пристап со конкретни мерки и активности, посочи дека креираат решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваат јавните претпријатија, со цел зголемување на опфатот на населението со комунални услуги коишто ќе бидат стандардизирани и со еднаков квалитет без разлика дали се испорачуваат во рурална или урбана средина. 

- Свесни сме дека најголемиот предизвик во оваа област е значителниот инвестициски јаз, предизвикан од зголемените потреби за обновување и развој на комуналната инфраструктура, особено во секторите на водни услуги и управување со отпадот, рече ресорниот министер.

Покрај инфраструктурата за водни услуги и управување со отпадот, смета дека е неопходно продолжување на инвестициите во рехабилитација и изградба на локални патишта, улици и друга инфраструктура, која го поддржува функционирањето на комуналните услуги.

Комуналниот секторот, според Линдита Шакири, раководител на Секторот за ЕУ при Министерство за животна средина и просторно планирање, е исклучилно значаен, како за опстојување на општините, така и за подобрување на животот на граѓаните. Испорачување квалитетна комунална услуга, нагласи, доаѓа пред се од одржливи јавни претпријатија. Проектите, подвлече, се исклучително скапи, а процесите долги и макотрпни. 

- Долговите се големи и исклучително е важен начинот на менаџирање на јавните комунални претпријатија, но соработката со локалната самоуправа е исто така многу важна. Мора да има синергија за да има успех, смета Шакири.

Таа посочи дека е потребно во сите јавни комунални претпријатија да се работи на подигање на квалитетот на вработените, посета на обуки и нивно дообучување, бидејќи технологијата оди напред и мора да сме во чекор со времето. 

- Во моментот ситуацијата со третманот на отпадните води е навистина сложена. Грижата за отпадниите води доаѓа од самите нас, меѓутоа од друга страна се воспоставени многу мерки и регулативи за заштита, кои секако треба да се почитуваат. Голема е динамиката и освртот на третманот на отпадните води, односно изградба на пречистителните станици во повеќе градови, рече Шакири, посочувајќи дека на конференцијата ќе бидат презентирани иновации во третманот на отпадните води, со цел намалување на потрошувачката, користење кислород, консумирање хемикалии во третманот и поставување на фотоелектрични централи.

Реализацијата на проектите, посочи дека е скапа и макотрпна. Најголем дел досега биле реализирани со неповратни средства преку ИПА фондовите. Како пример ја посочи пречистителната станица во Скопје, која се гради со средтсва од две европски банки, но обезбедени биле и околу 70 милиони евра неповратни средства.

Како една од најзначајните работи, кои јавните претпријатија мора да ги направат за успешно управување со водоснабдителните системи, според Георги Христов, советник на Германско друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), е изработката на подземен катастар.

-Во спротивно тие ќе не управуваат нас и тоа ќе се одрази преку повисоки сметки за услугите, но можеме да се соочиме и со недостаток во обезбедување на 24 часовно континуирано снабдување со вода за пиење, рече Христов.

Новите дигитални софтвери, подвлече, можат многу да придонесат за квалитетно снимање на водоснабдителните мрежи и да дадат реални податоци за зоните на притисок, подобро балансирање и хидрауличко моделирање на мрежите.

- Дигитализацијата во јавните комунални претпријатија треба да се сфати како потреба, како нешто што ќе даде бенефит за работењето и перформансите, а не да се гледа како дополнителен трошок. Дигитализирани подземни катастери се само почетни чекори кон континуирано собирање на податоци кои ќе обезбедат квалитени информации во носење на вистински одлуки, кои ќе дадат правилна приоретизација на проектите кои треба да се реализираат. Сите одлуки ќе бидат базирани на информации, а не на моментални потреби, рече Христов.

Претседателот на АДКОМ, Раско Чочков забележа дека комуналниот сектор се соочува со динамични и комплексни предизвици како климатски промени, брз   технолошки напредок, зголемени очекувања на граѓаните, ограничени   ресурси и   потреба од транспарентност, ефикасност и отчетност.

- Токму поради тоа, оваа конференција не е само професионален форум, туку и платформа за визија. Визија за дигитализација и иновации во комуналните   дејности, за зелена транзиција, циркуларна економија и рационално управување   со природните ресурси. Визија за подобра интеграција меѓу локалната и централната власт, како и за силно вклучување на граѓаните во креирањето на услугите што ги користат, рече Чочков.

Комуналниот сектор и случувањата со него за градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков,  се клучни аспекти на одржливиот развој на општеството. 

- Убеден сум дека одржувањето на овој настан ќе ја потврди нашата определба за упростување и осовременување на постапката на давање комунални услуги, кои се очекува да бидат поквалитетни. Сигурен сум дека од бројните научни и стручни предизвици ќе произлезат нови сознанија од областа на комуналниот развој, кои се битни за напредокот на нашето општество, рече Пецаков. 

На меѓународна конференција на тема „Иднината на комуналниот сектор“ учествуваат домашни и меѓународни експерти, претставници на јавните претпријатија, институции, донатори и невладини организации. сс/сст/

Фото МИА

Остани поврзан