• петок, 22 ноември 2024

Конференција: Компаниите да ја користат медијацијата не само во меѓусебните спорови, туку и во споровите со државата и општините

Конференција: Компаниите да ја користат медијацијата не само во меѓусебните спорови, туку и во споровите со државата и општините

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Бизнис заедницата да ја користи медијацијата не само во меѓусебните спорови, туку и во споровите со државата и општините, порачаа учесниците на денешната Регионална конференција за медијација што се одржува во Стопанската комора.

Како што беше речено, во развиените држави медијацијата е редовна постапка, а кај нас се уште се спомнува како алтернатива на судската.

Решавањето на стопанските спорови на ваков, „алтернативен“ начин, во Германија и Холандија, каде најмногу се користи медијацијата, е 75 отсто. Кај нас, од вкупниот број медијации 45 проценти се стопански спорови, но оваа бројка, според Комората, не е доволна.

-Медијацијата почнува во земјава институционализирано да се пробива уште во 2006 година, но по измените на Законот за медијација можеме да се пофалиме со бројка од над 4 500 медијации за периодот од 2017 до 2023 година. Од овие медијации, 45 проценти се стопански спорови. Меѓутоа, можеме да кажеме како медијатори и како бизнис асоцијации дека не сме задоволни од користењето на бизнис заедницата, бидејќи има простор уште во ситуација кога имаме неликвидност во економијата, во ситуација кога имаме проблеми меѓу компаниите за регулирање на должничко-доверителските односи. Затоа, денеска, од оваа регионална конференција сакаме да упатиме апел компаниите да ја користат медијацијата во нивните деловни односи не само со компаниите, туку и со државата и секако, со локалната самоуправа, бидејќи оваа алатка има сила на извршност доколку спогодбата се солемнизира на нотар, изјави Јелисавета Георгиева Јовевска, претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора и национален координатор за медијација, пред почетокот на конференцијата.

Таа потенцира дека кога ќе излезат од процесот на медијација, сите страни се чувствуваат како победници, и вистински и на хартија и во секојдневното работење, нема како во судска постапка - еден добитник, еден губитник.  

Според Георгиева Јовевска, медијацијата и помага на државата од аспект на растоварување на судството, но помага и за  побрзо, поефикасно, најевтино, па дури и бесплатно решавање на споровите.

-Целта на медијацијата е да се растоварат судовите од преголемиот број предмети, имајќи ја предвид и ситуацијата во нашата држава во однос на правосудството каде што имаме проблеми со обезбедување судски места и недостиг на судии. Сето тоа придонесува за задоцнето решавање на предметите и фактички тоа доведува до незадоволство кај граѓаните, а исто така и оневозможува што побрзо да стигнат до граѓаните и нивните права. Се надевам дека со поголемо настојување, институционално од сите субјекти, медијацијата полека ќе чекори и ќе го заземе местото кое треба да го има, истакна Милазин Мустафа, член на Судски совет и медијатор.

Заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф, укажа на предноста од маедијацијата - брзо решавање на споровите и задоволство кај сите инволвирани страни. 

-Во меѓународните односи понекогаш медијацијата помага да не се држите стриктно до правниот систем на едната страна или стриктно до договорот. Токму затоа овозможува и во меѓународни услови да се постигне заемно прифатливо решение, подвлече Граф.

Во текот на конференцијата, заменик министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ рече дека државата и преку сопствен пример ја покажува поддршката на медијацијата, така што државните институции во последните неколку години се едни од поголемите корисници на медијацијата.

-Од решавањето на споровите по пат на медијација корист имаат не само поединците туку и општеството во целина. Како заменик министер за правда потенцирам дека заложбата за промоција на медијацијата е приоритет. Таа е дел од новата Стратегија за развој на правосудниот сектор 2023-2027, каде се предвидени стратешки цели, мерки и активности за натамошниот развој на медијацијата во државата, истакна Аврамовска Мадиќ.

Зборувајќи за придобивките од медијацијата, генералниот секретар на Владата Методија Димовски нагласи дека во услови кога нашите судови се соочуваат со голем број на предмети, користењете на алтернативниот начин на решавање на споровите е многу важно.

-Сметам дека не треба да се има дилема дека медијацијата е концепт, кој промовира мирно решавање на споровите, во која сите страни треба да се чувствуваат како добитници, рече Димовски.

Темата на конференцијата е „Заеднички кон поголема афирмација на медијацијата во РСМ, заради искористување на сите нејзини бенефити“, а ја организираат Стопанската комора и Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ - групација на Светска банка и Националниот совет за медијација - Владино тело. Има претставници од департментите за медијација од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Бугарија. Тие ги споделуваат искуствата на користење на медијацијата во своите земји.

Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора од 2017, од кога е формирана, до денес, реализира над 50 бесплатни предавања со учество на преку 2 500 претставници од бизнис заедницата и други заинтересирани страни - адвокати, судии и претставници од државни институции. мч/дма/

Фото:МИА

Остани поврзан