Конференција за наставници во организација на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој
- Првата национална конференција имаше цел да ги обедини наставниците, да отвори простор за размена на искуства, практики и трендови и да ја постави основата за современ пристап кон наставата и учењето во Македонија, се наведува во соопштението на организаторот - Здружението Лидери за едукација активизам и развој, кое МИА го пренесува интегрално.
Конференција за наставници:
21 ноември 2025 (МИА)
Првата национална конференција имаше цел да ги обедини наставниците, да отвори простор за размена на искуства, практики и трендови и да ја постави основата за современ пристап кон наставата и учењето во Македонија, се наведува во соопштението на организаторот - ш, кое МИА го пренесува интегрално.
Наставниците имаат волја за промени и современи практики, но системот мора да им обезбеди поддршка за да ја постигнат неопходната трансформација на образованието е заклучокот од првата Национална конференција за наставници која се одржа на 20 ноември во Ресторан парк во Скопје во организација на Здружение Лидери за едукација активизам и развој, на која учество земаа над 100 наставници од основни и средни училишта, а која во фокус ја стави иднината на образованието.
Оваа прва национална конференција имаше за цел да ги обедини наставниците, да отвори простор за размена на искуства, практики и трендови и да ја постави основата за современ пристап кон наставата и учењето во Македонија.

Конференцијата беше отворена со излагањето на Петар Ниновски, основач на Brainster, кој зборуваше за вештините на иднината и придвижувањето на образованието кон практични и применливи модели на учење. Ниновски ја нагласи растечката разлика меѓу тоа што е способна вештачката интелигенција да направи во образовниот контекст и колку малку таа навистина се користи во училиштата денес. По него, Боре Пуцоски, координатор на образовни програми во УНИЦЕФ, ги презентираше најновите податоци и клучни наоди поврзани со наставничката професија и предизвиците во образованието. Во својата презентација, Боре Пуцоски од УНИЦЕФ ги истакна некои од најалармантните системски наоди за македонското образование. Тој посочи дека според најновите резултати од PISA 2022, само една третина од учениците го достигнуваат основното ниво на функцинална писменост по математика, читање и природни науки, што е значително под просекот на ОЕЦД. Дополнително, учениците во Северна Македонија добиваат околу 900 часа помалку настава во однос на европските стандарди, а нискиот сооднос ученик–наставник и мали паралелки укажуваат на длабоки структурни предизвици во системот. Овие наоди, како што истакна Пуцоски, ја нагласуваат потребата да се инвестира во наставниците како столбот што најмногу влијае врз квалитетот на учењето.
На панел-дискусијата „Наставникот 2040“, тројца експерти ја истакнаа потребата од современо и квалитетно образование. Проф. д-р Кирил Барбареев нагласи дека наставниците не се плашат од промените, туку од тоа што се оставени сами во нив – со години недоволна поддршка, несигурни политики и се поголеми очекувања со сè помалку ресурси. Проф. д-р Тамара Ќупева додаде дека покрај технолошката и АИ писменост, поитно е да се развива социоемоционална писменост кај наставниците и учениците. М-р Оливера Николова, пак, потенцираше дека образованието на иднината не е учење од книга, туку индивидуализиран пристап каде наставникот како ментор е клучниот столб за развојот на секое дете.

Четирите работилници организирани по панел-дискусијата им понудија на наставниците интензивно практично искуство во најрелевантните теми за современата училница: како да ги научиме децата да користат вештачка интелигенција со критичко размислување, профилирање на личности за професии на иднината, психологија на новите генерации и како да вклучиме хибридно и онлајн учење. Сите работилници беа дизајнирани со цел наставниците веднаш да добијат применливи алатки, пристапи и примери што можат да ги имплементираат во својата работа веднаш.
Во рамки на конференцијата беше објавен и новиот повик за приклучување кон програмата Клуб на наставници 2026, наменет за наставници од основно и средно образование кои сакаат професионален развој, современи обуки и учество во силна заедница на едукатори. Со повикот се отвора можност за нова генерација наставници да станат дел од програмата која четири години успешно ги поврзува, поддржува и мотивира наставниците ширум државата. Повикот е достапен на klubnanastavnici.lead.org.mk.
Конференцијата испрати силна порака до институциите дека наставниците мора да имаат место на масата каде се носат одлуките, бидејќи нивното искуство и експертиза се клучни за секоја ефективна образовна политика.
Здружение Лидери за едукација активизам и развој