• недела, 22 декември 2024

Конференција: Законска рамка и утврдување на институционалниот јаз во регистрирањето и обработката на говорот на омраза

Конференција: Законска рамка и утврдување на институционалниот јаз во регистрирањето и обработката на говорот на омраза

Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) - Конференција за говорот на омраза во Република Северна Македонија: Законска рамка и утврдување на институционалниот јаз во регистрирањето и обработката на говорот на омраза ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

На форумот ќе бидат презентирани два документи кои ги анализираат токму овие две компоненти: „Анализа на законската рамка на Северна Македонија за регулирање на говорот на омраза“ и „Анализа за утврдување на институционалниот јаз во однос на регистрирањето и обработката на говорот на омраза во Северна Македонија“, кои се изработени од експертите проф. д-р Елена Михајлова Стратилати и јавниот обвинител Александар Маркоски, во рамките на проектот „Зајакнување на националните механизми против говор на омраза“ имплементиран од Хелсиншкиот комитет и финансиран од Европската Унија. 

-Говорот на омраза е сѐ уште присутен во јавниот дискурс во Република Северна Македонија. Постојаното видоизменување на оваа појава и проникнувањето во бројните сфери од општествениот живот бараат соодветно приспособување на правниот систем и на институционалниот одговор. Подигнувањето на општествената свест во борбата против говорот на омраза мора да биде придружено со силна законска рамка и нејзина ефикасна имплементација од страна на институциите, наведуваат организаторите.

Покрај авторите на анализите, како што се најавува, свои обраќања на настанот ќе имаат и м-р Бојана Неткова – адвокат и Весна Бендевска членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. вг/мд

Остани поврзан