• петок, 05 декември 2025

Ако реформите не се наградени, се случува ерозија на довербата кон ЕУ: Муцунски на Конференцијата за Западен Балкан

Ако реформите не се наградени, се случува ерозија на довербата кон ЕУ: Муцунски на Конференцијата за Западен Балкан

Скопје, 1 јули 2025 (МИА) - Довербата е основа на интегративниот процес, а реформите мора да донесат директни придобивки за граѓаните, ова беа клучните пораки од конференцијата „Премостување на јазот во довербата со цел придвижување на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ“, која денеска се одржа во Скопје.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја опиша иницијативата за европска интеграција како историска можност што бара взаемна доверба и јасна испорака на реформи.

-Реформите мора да бидат наградени со видливи, навремени придобивки. Инаку, се случува недостиг од испорака од едната страна до другата, а тоа доведува и до ерозија на довербата. Планот за раст и агендата за реформи се клучен дел од приказната во која граѓаните ќе видат дека доброто владеење навистина функционира, рече тој.

Министерот ја коментираше изјавата на европската комесарка за проширување Марта Кос, која што поочи тој, зборувала за „обединување“ на Западен Балкан.

-Јас не се согласувам со терминот „реобединување“, бидејќи Западен Балкан никогаш не бил обединет. Но, целосно се согласувам со нејзината порака дека е сосема исправно да се обедини целиот регион со Европската Унија без предрасуди, затоа што, на крајот на денот, не треба да се толкува како чин на милосрдие. Тоа е инвестиција, чекор кон мир, кон безбедност и кон економска сила, како на регионот, така и на самата Унија, рече тој.

Маида Горчевиќ, министерка за европски прашања на Црна Гора, ја потенцираше важноста на „видливите придобивки“ за граѓаните.

-Петокот затворивме едно поглавје – поглавје 5, јавни набавки – но како да им објасниме на граѓаните каков бенефит имаат од тоа? Ако имаме план за раст, ако има пари на маса, ако има регионални иницијативи, тогаш е полесно. Тоа им носи конкретни резултати, рече таа.

Марко Маковец, шеф на кабинетот на еврокомесарката за проширување Марта Кос потенцираше дека процесот бара техничка работа. 

-Преку овие процеси ја градиме довербата. Има силен фокус на неопходните реформи, и мислам дека ова е многу важно. Ова бара време и техничка работа, посочи тој.

ар/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан