• петок, 05 декември 2025

Конституиран новиот Совет на Општина Дебар

Конституиран новиот Совет на Општина Дебар

Дебар, 11 ноември 2025 (МИА) - Совет на Општината Дебар денеска попладне одржа конститутивна седница, која ја отвори и со неа претседаваше, највозрасниот советник, Беќир Љата, кој посака успешна работа на новоизбраниот градоначалник и членовите на Советот.

На седницата, најпрво беа верифицирани мандатите на 15 советници, по што, со мнозинство гласови, за претседател на Советот беше избран Африм Кркути, од коалицијата ВРЕДИ. Неговиот избор го поддржаа 13 советници, додека двајца, од НАИ, беа воздржани.

Заблагодарувајќи се на дадената довербна Кркути рече дека ќе работи максимално одговорно, транспарентно и доследно во интерес на сите граѓани.

- Функцијата претседател на Совет ја разбирам како можност да придонесам за развој и посветла иднина и просперитет на нашата Општина како и подобар живот за сите граѓани без разлика на политичка, верска, национална и каква било друга определба. Ќе бидам не само претседател на овој Совет, туку ќе се грижам за сите, тука и за оние заедници кои немаат свои претставници во советот, вети тој.

Кркути (59) е дипломиран сообраќаен инженер, дипломирал на Унверзитетот во Загреб, има работно искуство од 26 години, од нив 10 години во Телеком, по 8 години во Македонска пошта и во Општина Дебар.

На седницата присуствуваше и градоначалникот Фисник Меља кој им честиташе на новите советници и истакна дека соработката меѓу извршната власт и Советот е клучна за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и понатамошниот развој на општината.

Во Советот на Општината, 5 советници се од коалицијата ВРЕДИ, двајца од ВМРО - ДПМНЕ, еден од СДСМ, четворица од НАИ и тројца независни советници. Од вкупниот број три се жени. вт/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан