• среда, 22 јануари 2025

Консеисао: Тие што се задоволни од Суперкупот не треба да работат во Милан

Консеисао: Тие што се задоволни од Суперкупот не треба да работат во Милан

Милано, 10 јануари 2025 (МИА) - Тренерот на Милан, Серхио Консеисао, беше дециден дека клубот не треба да се задоволи со триумфот во Суперкупот на Италија, туку треба да се стреми да го подобри пласманот во Серија „А“ каде е на осмото место пред домашниот дуел со Каљари.

-Дефинитивно треба да останеме приземјени. Мислам дека оние кои се задоволни од Суперкупот не треба да работат во Милан. Бевме многу задоволни со тоа и го заслуживме, но сме на 17 бода од врвот на шампионатот. Клуб со 19 титули во Серија „А“ и 7 трофеи во Лигата на шампионите не треба да се задоволи со еден Суперкуп. Треба да почнеме да победуваме и убедливо, од утре, за да стигнеме што повисоко во поредокот. Суперкупот заврши, изјави Консеисао на прес-конференцијата пред натпреварот.

Тренерот одби да ја коментира активноста на клубот на трансфер пазарот.

-Морам да кажам една работа, што е вистина: раководството се обиде да разговара со мене на оваа тема, но моментот не беше погоден бидејќи имавме важни натпревари. Сега не е вистинското време, иако сум свесен дека ова е важно и дека треба да разговараме за тоа. Сепак, во моментов најважен ми е натпреварот против Каљари. Следниот ден, можеби ќе имаме време да разговараме на оваа тема, која е дефинитивно важна. Маркус Рашфорд? Добар играч, како и многу други кои се на трансфер пазарот. Ќе видиме што ќе се случи, беа неговите зборови на оваа тема. дс

Фото: Архива

Остани поврзан