• петок, 22 ноември 2024

Конкурс за стипендии „Борис Трајковски“ за студии на Паневропската извршна МБА-програма за 2024/2025

Конкурс за стипендии  „Борис Трајковски“ за студии на Паневропската извршна МБА-програма за 2024/2025

Скопје, 14 август 2024 (МИА) - Министерството за образование и наука го распиша Конкурсот за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за вонредни двегодишни студии од втор циклус за Паневропската извршна МБА-програма за академската  2024/2025 година.

Стипендиите  се доделуваат под покривителство на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија за насоките: општ менаџмент;  маркетинг; финансии; менаџмент во логистика; менаџмент во здравство и менаџмент на човечки ресурси. Покриваат уписнина за 20 студенти за студии на оваа програма, која се реализира во Солун, со двојна диплома - од Универзитетот Јорк во Обединетото Кралство и од Универзитетот во Стразбур, Франција.

На Конкурсот може да се пријават стручни лица од различни профили и бизнис менаџери вработени во компании од приватниот и од јавниот сектор.

Најдобрите дваесет кандидати ќе бидат избрани според критериумите наведени во конкурсот за доделување на стипендиите и според ранг-листата изготвена од Комисијата за избор.

Вкупната школарина за МБА-програмата е 14.890 евра по студент, а по половина од таа сума (односно по 7.445 евра за студент) ќе покријат Сити колеџ – Европски кампус на Универзитетот Јорк и Владата на Република Северна Македонија.

Паневропската извршна МБА-програма е предвидено да се реализира во Солун, за време на викенди.  Корисниците на стипендии треба да патуваат во Солун најмногу до еден викенд во месецот во период од две години и да учествуваат на студиските посети во траење од три недели: по една недела на Универзитетот Јорк,  Универзитетот во Стразбур и една студиска недела во Солун. Сите предавања ќе бидат на англиски јазик.

Како што наведува МОН во објавениот Конкурс, по успешно завршување на дуалната МБА-програма, студентите ќе добијат две дипломи за извршни мастер студии по деловна администрација - од Универзитетот Јорк и од Универзитетот во Стразбур. 

- Стипендиите ги покриваат само средствата за уписнина. Останатите средства (патни трошоци, сместување и други животни трошоци) се на товар на кандидатот, се наведува во Конкурсот во кој се содржани условите за пријавување, критериумите за избор на кандидатите, документите што треба да се поднесат, како и лица за контакт. 

Рокот за пријавување на Конкурсот за стипендиите „Борис Трајковски“ е 13 септември 2024. хс/са/

Фото: МИА архива 

 

 

 

Остани поврзан