• четврток, 21 ноември 2024

Конгрес на албанската Социјалистичка партија, Рама убеден во историска победа на изборите следната година

Конгрес на албанската Социјалистичка партија, Рама убеден во историска победа на изборите следната година

Тирана, 28 јули 2024 (МИА) - Албанската владејачка социјалистичка партија денеска одржува конгрес на кој избира нов состав на Националниот совет, кој брои 400 членови, а според најавите се очекува лидерот Еди Рама да предложи кадровски промени.

Во својот говор пред делегатите и гостите, Рама искажа убеденост во историска победа на парламентарните избори следната година и обезбедување четврт мандат.

- Ќе ја извојуваме најисториската победа од целата непрекината серија наши победи. Денеска практично почнува сеидбата на полето на победата што ќе го жнееме следната пролет со сестрана работа. Денеска природно започнува проектот СП од 2023 година. Ова е вистинско време да се започне уште една нова инвестиција за човечкиот капитал на СП и да се работи на нова, голема амбиција. Не само за Албанија во 2023 година, туку и за СП во 2030 година, порача Рама.

Тој најави дека земјата доставила кандидатура да биде домаќин на Самитот на НАТО во 2027 година.

- Сакам да ја ставиме црешата на тортата во четвртиот мандат и сакам да има Самит на НАТО во Тирана. Ја доставивме кандидатурата за 2027 година и ќе ги убедиме дека нема ништо подобро од Албанија, посочи тој.

Сепак, тој говорот го почна со обвинувања и напади кон неговиот историски политички опонент Сали Бериша. Иако не го спомна по име, Рама го означи Бериша како виновник за состојбата во која се наоѓа Демократската партија. Според него, овие проблеми во партијата се пренесени и во  Парламентот.

- Бруталниот политички конфликт го претвори Парламентот во најиритирачко место за нервите на обичните луѓе и за секој што ја гледа политиката како можност, да слушне и разбере што се случува и да ги смета оние кои се вклучени во неговата арена, како можност да се направат добри работи заедно со другите, а не да фрла отров врз другите. Тој сега ја претвори Демократската партија во за’рѓан резервоар со отров, кого не го користи ниту ѓаволот, кој без тронка грижа секојдневно го загадува воздухот на политичкиот живот, рече Рама.

Од друга страна, не штедеше пофалби за Линдита Никола, која пред два дена се повлече од  функцијата претседател на Парламентот.

- Таа беше претседател на Собранието три години кои не беа лесни за парламентарниот живот на државата, со скромност на учител и сериозност на човек, кој секогаш го ставал на располагање своето политичко јас, таа е пример за тоа како поединецот треба да биде застапен на секое ниво, нагласи Рама.

Најави отворање на новиот аеродром во Валона следната година и повторно ги искритикува хотелиерите за нереално зголемените цени годинава, што условува послаба посетеност.  вт/паг/


 
 
 
 
 
 
 
 

 

 

Остани поврзан