• петок, 15 ноември 2024

Комитет за борба против тортура: Нема напредок во решавање на проблемите во социјалните домови и психијатриските болници во Бугарија

Комитет за борба против тортура: Нема напредок во решавање на проблемите во социјалните домови и психијатриските болници во Бугарија

Стразбур, 04 ноември 2021 (МИА) - Комитетот на Советот на Европа за спречување тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ) денеска преку соопштение го критикува недостигот на мерки преземени од бугарските власти за решавање сериозни проблеми забележани во социјалните домови и психијатриските болници, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Исто така, КПТ ги повикува бугарските власти да преземат итни мерки за подобрување на ситуацијата и радикално да го променат нивниот пристап кон обезбедувањето услуги за грижа за менталното здравје и институционалната социјална помош.

Од 1995 година, делегациите на КПТ остварија 14 посети на Бугарија, при што посетија 10 од 12 јавни психијатриски болници и 16 социјални домови за лица со психијатриски нарушувања или интелектуална попреченост. Повеќе од 25 години, КПТ постојано ја изразува својата загриженост за третманот, условите за престој и законските гаранции за жителите на социјалните домови и пациентите кои страдаат од психијатриски нарушувања. Сепак, најновите посети извршени во 2017, 2020 и 2021 година, како и одговорите на бугарските власти во кои главните грижи на КПТ беа во голема мера минимизирани, покажаа дека ситуацијата речиси и воопшто не се променила.

Физичкото малтретирање на жителите на социјалните домови и на пациентите со психијатриски нарушувања од страна на персоналот долго време го загрижува Комитетот. Делегациите на КПТ регистрираа поплаки за луѓе кои биле удирани и тепани од персоналот во социјалните домови и психијатриските болници, а притоа КПТ заклучи дека бугарските власти не ги презеле неопходните мерки за да се стави крај на оваа неприфатлива практика.

Комитетот, исто така, постојано го критикуваше нивото на хигиена во некои социјални домови, опишувајќи го како нечовечко и деградирачко. 

„Менаџерските тимови на овие установи мора да се снаоѓаат секојдневно и со тотално недоволни човечки ресурси и без соодветно финансирање. Затоа, не е изненадувачки што тие не успеваат да им обезбедат услуги на ранливите луѓе да го почитуваат нивното достоинство, како грижа и помош што им е потребна“, наведува КПТ.

Комитетот е загрижен и поради недостигот на напредок во деинституционализацијата на услугите за психијатриска и социјална заштита во Бугарија. Постојаниот недостиг на ефективни услуги за ментално здравје во заедницата резултираше со тоа што многу луѓе несоодветно се држат во големи психијатриски институции без надеж за повторно влегување во заедницата, што има негативни ефекти врз нивната благосостојба.

Целта на оваа изјава на Комитетот е да ги мотивира и помогне бугарските власти, а особено министерствата за здравство и труд и социјална политика, да преземат решителна акција во согласност со основните вредности што ги поддржува Бугарија, како држава членка на Советот на Европа и на Европската унија. 

КПТ нагласува дека целиот системски пристап кон грижата за менталното здравје и социјалната заштита во институциите во Бугарија мора радикално да се промени. „Оваа промена мора да ги вклучи основите: борба против стигматизацијата на менталното здравје, промена на патерналистичкиот пристап за следење на пациентите со психијатриски нарушувања и жителите на социјалните домови, да направи вистински напор за интегрирање на луѓето со психијатриски нарушувања и интелектуални попречености во заедницата, се наведува во соопштението на КПТ. тг/паг/

Остани поврзан