• четврток, 07 ноември 2024

Комисија за надзор на работата на судовите при Министерството за правда во Основниот суд Кавадарци

Комисија за надзор на работата на судовите при Министерството за правда во Основниот суд Кавадарци

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) – Комисија за надзор на работата на судовите при Министерството за правда денеска е во Основниот суд Кавадарци. Како што потврдуваат од Министерството за правда за МИА, Комисијата ќе изврши надзор на работата на АКМИС системот.

Надзорот во Основниот суд во Кавадарци, како што посочуваат од Министерството, е дел од редовните активности на Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС-от и бил најавен и на прес конференција од страна на министерот за правда, Кренар Лога.

- Вакви надзори Комисијата во изминатиот период изврши во Управниот суд како и судовите во Куманово, Кратово, Крушево и Берово по што беа изготвени извештаи за констатираните состојби. По извршениот надзор во судот во Кавадарци, Комисијата ќе изготви извештај, информираат од Министерството за правда.

Министерот за правда Кренар Лога минатата недела го разреши Нанев од претседател на Совет за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи и иницираше постапка за изработување на нов правилник за функционирање на Советот.

Лога, на прес-конференција, тогаш информираше дека до Судскиот совет доставил допис за отворање на постапката за утврдување на одговорност за работата на претседателот на Основен суд Кавадарци, судијата Лазар Нанев.

Како што појасни тогаш Лога, по добивање и анализа на материјалите за седница на Судскиот совет констатирал дека во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија и, како што рече, евидентно е постоењето на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да му суди независен и непристрасен судија. аа/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан