• среда, 25 март 2026

Комисијата за одбрана и безбедност ги проследи до Собранието предлог измените за законите за полиција и за безбедност на сообраќајот на патиштата

Комисијата за одбрана и безбедност ги проследи до Собранието предлог измените за законите за полиција и за безбедност на сообраќајот на патиштата

Скопје, 17 декември 2025 (МИА) – Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска проследи два предлог-закона по скратена постапка – измените на Законот за полиција и измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за понатамошна постапка во Собранието.

На седницата, во однос на Законот за внатрешни работи, беше поднесен еден амандман од пратениците Оливер Спасовски и Горан Мисовски, со кој се бараше бришење на членот 3 од Предлог-законот за полиција. 

- Амандманот го поднесов бидејќи сметам дека членот 3, кој се предлага во предлог-законот за изменување на Законот за полиција, е проблематичен. Интенцијата е сигурно да се усогласат членовите и да се овозможи функционирање на „Safe City“. Но, членот 3 кој е во текстот на предлог-законот предвидува дека во член 101 зборовите „се зголемува за 30 проценти се заменуваат со зборовите „се утврдува согласно закон“. Овој член регулира додатокот од 30 проенти за полициското овластување на сите полициски службеници, како што е наведено во Законот за полиција. Мислам дека е несоодветно од законот да се брише нешто што претставува право на полициските службеници, истакна Спасовски.

Според него, со тоа што се наведува „ќе се утврди со закон“, се имплицира на Законот за внатрешни работи, во кој нема децидно зголемување, туку има упатување кон листа на плати. А листата на плати, додава тој, ја утврдува работодавачот заедно со репрезентативниот синдикат.

Пратеникот Бране Петрушевски нагласи дека не се укинува никаков додаток од 30 проценти на полициските службеници.

-Со овој член само се регулира тоа што е веќе наведено во Законот за внатрешни работи. Таму се наведени додатоците на плата за овластените службеници и полициските службеници, како и начинот на пресметка на плата, додаде Петрушевски.

По расправата, амандманот не беше усвоен. Комисијата го проследи Предлог-законот за изменување на Законот за полиција кој предвидува четири члена, со цел усогласување со последните законски измени и прецизирање на одредени прашања.

Првата измена се однесува на техничка интервенција во член 17 за усогласување со претходните измени на Законот за полиција. Втората измена е во член 69-б, каде се прецизира евиденцијата за прекршочни платни налози, согласно новите правила од Законот за безбедност на сообраќајот и Законот за прекршоците, кои предвидуваат единствен образец – записник со прекршочен платен налог.

Третата измена се однесува на член 101, кој регулира прашања за платите на полициските службеници. Со новиот Закон за внатрешни работи, платите се утврдуваат врз основа на законот, колективниот договор и договорот за вработување, па затоа се предлага редефинирање на оваа одредба. Четвртата измена го уредува влегувањето во сила на законот, со одложна примена, усогласена со роковите од Законот за внатрешни работи и другите поврзани закони.

Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидува 23 измени и две нови одредби, со цел зголемување на безбедноста и ефикасноста на системот. Законот воведува забрана за управување со возило под дејство на опојни дроги и психотропни супстанци, предвидува стручни испити за предавачи, инструктори и испитувачи во автошколите и испитните центри да се полагаат пред комисија во МВР, прецизира одредбите за зони со смирен сообраќај (зона школо и зона 30), пропишува глоба за правни лица и одговорни лица кои не даваат податоци за идентификација на возачот, усогласува одредби со Кривичниот законик, регулира финансиските средства на Републичкиот совет за поголема ефикасност и предвидува одложна примена на законот усогласена со роковите од другите закони.

Во однос на овој предлог-закон пратеникот Сали Мурати поднесе три амандмани кои не беа усвоени од членовите на Комисијата, а предлог-законот беше проследен за понатамошна постапка во Собранието. бк/са/

Фото: МИА

Остани поврзан