• понеделник, 23 декември 2024

Комисиска расправа за Предлог-измените на Законот за урбанистичко планирање

Комисиска расправа за Предлог-измените на Законот за урбанистичко планирање

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за транспорт, врски и екологија, на која се очекува да се расправа по Предлог измените на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка.

Како што стои во образложението објавено на собраниската веб-страна, целта на Предлог-измените е доуредување на одредбите за урбанистичко планирање во врска со зафаќањето на земјоделско земјиште од I до IV катастарска класа, усогласување со Законот за јавни набавки и продолжување на рокот за донесување на урбанистичките планови започнати по други закони.

-Со овој предлог на закон ќе се доприцизираат одредбите за урбанистичко планирање во врска со зафаќањето на земјоделско земјиште од I до IV катастарска класа и ќе се усогласат со Законот за земјоделско земјиште кој исто така е во постапка на изменување во однос на овие одредби во врска со зафаќањето на земјоделско земјиште од I до IV катастарска класа, стои во Предлог-законот.

Како што се посочува во образложението, ќе се дополни и одредбата за доставување на податоци и информации во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање, што се неопходни за изработување на урбанистичките планови односно проекти, а произлегуваат од постојните и предложените подрачја за заштита и подрачја на светското наследство.

- Исто така, изборот на вршителот за работи од урбанистичкото планирање што ги вршат правни лица со лиценца за изработување на урбанистички планови, за планови и проекти финансирани со средства од буџетот на општината, општината на градот Скопје и градот Скопје ќе се спроведува на начин и постапка согласно со Законот за јавните набавки, се вели во образложението за Предлог-законот. фф/мд/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан