• сабота, 09 ноември 2024

Комисиска расправа за избор на уставни судии, пратениците дискутираат за кандидатурата на Љубомир Јовески

Комисиска расправа за избор на уставни судии, пратениците дискутираат за кандидатурата на Љубомир Јовески
Скопје, 12 септември 2022 (МИА) - По редовната пауза, продолжи седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на која членовите дискутираат за кандидатурата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, предложен за уставен судија од страна на владејачките партии. Според Ане Лашкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, ова е крајниот удар кој што власта го прави на Уставниот суд. - Во последните истражувања беше случај дека граѓаните имаат доверба во судството осум проценти, наредното истражување ќе биде нула проценти. Слободно можеме да сметаме откако ќе поминат и овие гласања, овие желби, овие извршители на Заев да станат уставни судии, може да сметаме дека во Република Македонија повеќе Уставен суд не постои, рече Лашкоска. Нејзината сопартијка Даниела Христова, пак, изјави дека Јовески има искуство во судството, но, како што рече, со тоа има искуство и во поголем број на криминални афери и скандали. Таа рече дека овој кандидат не може да добар, непристрасен и правичен уставен судија. - Сѐ додека Обвинителството е чуварот на криминалите на актуелната власт, нема да верувам дека Љубомир Јовески е вистинскиот човек за највисоката функција во судството. Човек кој е тотална спротивност од она што треба да биде. Човек кој е заштитник на криминалот и корупцијата во државата. Едноставно, треба да замине и од обвинителството и воопшто од судството и со своите скоро 69 години најдобро би било да ги живее мирно своите пензионерски денови, а не да биде слеп послушник на власта, рече Христова. Во претпладневниот дел од седницата, членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата не дадоа поддршка универзитетскиот професор Саво Климовски да биде избран за уставен судија, како предлог на опозицијата. Изминативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер. Комисискиот филтер не го поминаа кандидатите Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска. Досега е одбиена и кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска, која беше предложена од опозицијата. Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот. фф/ац/

Остани поврзан