• петок, 22 ноември 2024

Комисиската расправа за уставните судии продолжува утре

Комисиската расправа за уставните судии продолжува утре
Скопје, 4 октомври 2022 (МИА) – Во Собранието утре треба да продолжи седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата за кандидатурата за уставен судија на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, предложен од страна на владејачките партии. Членовите на Комисијата, по објавената пауза попладнево не продолжија со работа, а  продолжението на седницата е закажано за утре во девет часот. Во претпладневниот дел, претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска даде пауза по настаната тензична ситуација откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски побара збор за процедурално. Георгиевска не му даде збор, со образложение дека тој не е член или заменик член на Комисијата и нема право на процедурално. Потоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ реагираа со повици со повисок тон до Георгиевска дека им го скратува правото на збор што беше негирано од нејзина страна со барање да се стави некаков ред. Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во дискусијата наведоа дека „не може еден човек кој што не реагирал на повеќе од 300 скандали за корупција и криминал во оваа држава да има дигнитет и да биде воопшто предложен како кандидат за уставен судија“. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска побара да и се даде збор повторно на пратеничката Бети Стаменковска да продолжи со обраќањето таму каде што застана кога била прекината по 10-часовно обраќање за завршување на нужни потреби. Георгиевска и одговори дека пратеничката Стаменковска го напуштила своето место кога говорела и таа седницата ја затворила бидејќи не дала никаква пауза. – Ние ќе се бориме тој да не биде уставен судија. А, исто така, ќе се бориме и претходно изгласаната Тања Васиќ Бозаџиева за која што не знаеме дали воопшто знае каде се наоѓаат судовите. Исто така, да ве предомислиме нејзе да не ја гласате ако дојде воопшто моментот да се гласа на пленарна седница. Таа личност да не ја гласате, рече Ласовска. Таа побара да се повлечат сите предлози и како што рече заедно со стручната фела по МЕРИТ систем да се изберат луѓе кои ќе го претстават Уставниот суд. Георгиевска рече дека ако смета дека предлозите треба да се повлечат, тогаш да се повлечат, но потсети дека предлозите се дадени од страна на пратениците и од опозицијата и од парламентарното мнозинство и е право на овој Пленум, односно на оваа работно тело да дискутира по истите без  разлика од кого се предложени. – Вашата сугестија дека треба да се размислува за промена, еве апсолутно и јас мислам дека треба да има промени, заради тоа што мислам дека доколку има измени околу изборот на уставни судии, тоа ќе даде голем придонес кон демократскиот процес во државата. Меѓутоа, сметам дека на таков начин граѓаните ќе имаат доверба во институциите кои што имаат најголема одговорност во оваа држава, рече Георгиевска. На претходните седници членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ. Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска. Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.фф/лв/

Остани поврзан