• петок, 22 ноември 2024

Коментари на западните весници на разрешувањето на украинскиот министер за одбрана Резников

Коментари на западните весници на разрешувањето на украинскиот министер за одбрана Резников

Лондон, 4 септември 2023 (МИА) - „Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера најави дека ќе го смени министерот за одбрана на земјата, а како причина ја наведе потребата од `нови пристапи` во војната која трае повеќе од 18 месеци, пишува Њујорк Тајмс. Ова го претставува најголемиот пресврт во военото раководство на Украина од почетокот на целосната руска инвазија, забележува изданието.

Судбината на министерот за одбрана е предмет на зголемени шпекулации во Украина, откако на виделина излегоа финансиски неправилности во министерството и владата покрена неколку истраги за корупција меѓу нејзините службеници, пишува весникот.

Во последните недели имаше многу шпекулации за политичката иднина на Резников, вклучително и дали тој ќе преземе дипломатска улога како амбасадор во Велика Британија, пишува Њујорк Тајмс. Во пораката на Зеленски, сепак, не се споменува ново назначување на Резников, посочува Њујорк Тајмс.

Резников не бил директно вклучен во скандалите во неговото министерство и помошта од западните земји не била погодена, но со неговото разрешување Зеленски се обидува да ги увери САД и другите сојузници дека нивната поддршка нема да биде злоупотребена, пишува Вашингтон пост. Министерот за одбрана игра клучна улога во преговорите со другите земји за давање помош, вклучително и вооружување.

Рустем Умеров, изборот на Зеленски за нов министер за одбрана, функцијата ќе ја преземе во клучен момент, пишува британскиот весник „Телеграф“. Некои од западните сојузници на Украина почнаа да го критикуваат Киев дека не постигнал поголем напредок во неговата контраофанзива, која започна пред три месеци и е поддржана со голема количина западна воена опрема, за чие обезбедување во голем дел е заслужен токму Резников.

Шпекулациите дека Резников ќе ја загуби работата започнаа на почетокот на оваа година, откако истрагата откри дека Министерството за одбрана на Украина плаќало за снабдување со храна за војниците по високи цени, објави Телеграф.

Резников негира дека направил нешто лошо и во неколку наврати изјави дека е цел на клеветничка кампања, пишува Гардијан. Се чини дека неговото заминување има за цел да стави крај на повеќемесечниот притисок на украинските медиуми што започна по објавувањето на резултатите од истрагата во неговиот оддел, коментира весникот. Иако тој лично не бил вклучен во договорот за снабдување со храна, некои украински коментатори оценија дека тој треба да преземе политичка одговорност за она што се случи.

Сепак, Резников важи за личност која има изградено силни односи со министрите за одбрана и воените претставници од земјите сојузнички на Украина, пишува Гардијан. Тој стана еден од најистакнатите Украинци од висок профил, претставувајќи ја Украина на состаноците на НАТО и десетици билатерални состаноци за да обезбеди финансирање во вредност од милијарди долари, како и најсовремена опрема за борба против Русија, пишува весникот. ссм/зш/

Остани поврзан