• понеделник, 23 декември 2024

Командант на КФОР: Ситуацијата во северно Косово е мирна, но и натаму кревка

Командант на КФОР: Ситуацијата во северно Косово е мирна, но и натаму кревка

Приштина, 10 декември 2023 (МИА) – Командантот на мировната мисија на НАТО во Косово (КФОР) генерал-мајор Озкан Улуташ изјави дека безбедносната ситуација на северот на земјата сега е помирна, но и понатаму е кревка, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за порталот на српски јазик „Косово онлајн“ (kosovo-online.com), Улуташ нагласи дека мисијата на Северноатлантската алијанса во Косово секогаш ја докажала својата способност да се справи со секој предизвик и да продолжи да го спроведува својот мандат доверен од Обединетите нации, целосно и непристрасно.

Турскиот генерал изјави дека „по зголемувањето на тензиите во последните месеци“, НАТО распоредила во Косово 1.000 дополнителни војници и тешко вооружување.

- Четирикратно го зголемивме присуството на КФОР во северно Косово и тројно го зголемивме бројот на патроли, вклучително и по административната линија... Ова се претпазливи чекори за да се осигура дека мисијата на КФОР ќе продолжи да го исполнува мандатот на ОН - врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година: да се обезбеди безбедна средина за сите заедници кои живеат во Косово и слобода на движење - во секое време и непристрасно, рече Улуташ.

Тој нагласи дека КФОР продолжува да дејствува како трета формација која реагира во Косово, по косовската полиција и Мисијата на ЕУ за владеење на правото, ЕУЛЕКС.

- НАТО е силно посветен на безбедноста на Косово и КФОР ќе остане онолку долго колку што е потребно, во согласност со нашиот мандат од ОН, изјави командантот на КФОР.

Тој го повтори ставот на меѓународниот фактор дека дијалогот меѓу Косово и Србија е единствениот пат за мир и стабилност.

- КФОР продолжува да создава безбедносна рамка, која е неопходна за да напредува дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ, што е единствениот пат до траен мир и стабилност во корист на сите заедници и регионалната стабилност, нагласи Улуташ во интервјуто за „Косово онлајн“. иа/ссм/

Остани поврзан