• понеделник, 23 декември 2024

Количината на планктони во океаните се зголемува, што може да влијае на синџирот на исхрана

Количината на планктони во океаните се зголемува, што може да влијае на синџирот на исхрана

Лондон, 15 октомври 2024 (МИА) - Невидливата шума од планктони што ги населува океаните се шири во подлабоките води поради климатските промени и би можела значително да влијае на целиот синџир на исхрана, се вели во студијата објавена во списанието „Климатски промени во природата“ предводена од Јоханес Вилјоен од Универзитетот во Ексетер во Велика Британија. 

Сите мориња во светот се населени со овие ситни организми кои се во основата на синџирот на исхрана, а преку фотосинтезата произведуваат половина од органските материи што ги користат сите живи суштества на планетата, наведува агенцијата Ansa.

Анализирајќи ја количината и дистрибуцијата на фитопланктонот во последните 33 години во Саргасовото Море, огромен дел од Атлантскиот Океан помеѓу Антилите и Азорите, истражувачите забележале дека вкупната биомаса, односно количината на микроорганизми, се зголемува со температурите. 

Микроорганизмите на површината на водата имаат стабилно присуство, додека длабоките фитопланктони реагираат поинаку.

-Нашата студија покажува дека длабоките океански фитопланктони кои се развиваат во услови на слаба осветленост реагираат различно на затоплувањето на водата и климатските промени, рече Виљон.

Оваа промена би можела да има големо влијание врз целиот синџир на исхрана во океанот, од мали риби до големи цицачи, велат научниците.

Бидејќи овие слоеви на длабок фитопланктон се помалку видливи, потребни се повеќе инвестиции во подводни мрежи за мониторинг за да не останат невидливи овие значајни промени, предупредуваат истражувачите. мс/

фото: Википедија

Остани поврзан