• сабота, 23 ноември 2024

Колев: Нема да потпишам Б-интегрирана еколошка дозвола на „Кепс Монт Груп“ 

Колев: Нема да потпишам Б-интегрирана еколошка дозвола на „Кепс Монт Груп“ 

Велес, 31 јануари 2024 (МИА) - На денешната 46. седница на Советот на Општина Велес, градоначалникот Марко Колев информира дека нема да и потпише на компанијата „Кепс Монт Груп“ издавање на  Б-интегрирана еколошка дозвола за поставување на инсталација  со дробење и мелење. Појасни дека ваквата  одлука ја донел врз основа на  повеќе  мислења дека ќе се наруши животната средина во градот, кои  ги добил, како што рече,  од врвни стручњаци по оваа проблематика од земјава и странство.

Колев потенцира дека како прв човек на градот нема да дозволи Велес да добие втора нова  Топилница, која, како што рече, ќе го наруши здравјето на граѓаните.

Огромниот Црн рид на  локалитет „Баш Колиби, настанат од 30-годишното  работење на Топилницата со 1,8 милиони тони складирани троска,  во која има и тешки метали, со години наназад  е една од се уште нерешените десет еколошки црни  точки во земјава.

-Многу  експерти со кои се консултирав, кои имаат сомнеж дека дополнителните работи кои ги бараат „Кепс Монт Груп“ со процесите на дробење и мелење, ќе се наруши животната средина и дел од прашината ќе влезе во Велес, а тоа не е добро за никој од нас. Врз основа на сите мои анализи јас како градоначалник под овие околности нема да потпишам Б-интегрирана дозвола, потенцира Колев. 

Колев  пред членовите на Советот информира  дека  барањето од „Кепс Монт Груп“ за издавање Б-интегрирана еколошка дозвола  го добил на 1 септември 2023 година. Соопшти дека заедно со барањето од фирмата „Кепс Монт Груп“ му доставиле  и неколку документи. Првиот бил Анекс на Договор, склучен на 26 јуни 2022 година, меѓу концесионерот „Кепс Монт груп“ и Владата, со кој се проширувал опфатот на концесијата за новата постројка со временски период до 19 јуни 2026 година. Дополнително во прилог на барањето „Кепс монт груп“ му  доставиле и Решение од Министерство за животна средина и просторно планирање за одобрување на Елаборат за заштита на животната средина за проектот во кој пишувало и „поставување на Постројка за дополнителни активности, дробење и мелење на локацијата“ потпишано на 31 мај 2023 година од министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, со што било дадено позитивно мислење.

Во Општина Велес со Барањето за Б-интегрирана еколошка  дозвола исто така биле доставени и документи, како што е Дозвола за изведување на рударски работи, за дополнување на проектот од 19 септември 2023 година.

Градоначалникот Колев им се обрати на советниците од советничка група на СДСМ со коалициските партнери, кои беа  облечени во бели маици со натпис „Топилница никогаш повеќе“, и од нив побара да ги проверат сите постапки во кои биле донесени документите од страна на Владата и надлежните министерства.

Свое мислење даде и експертот д-р Бошко Ников, кој смета дека грешката била направена во 2016 година кога троската од велешка топилничарска депонија во Црниот рид  наместо како опасен добила третман на техногена минерална суровина.

На советниците на денешната седница им се обратија и спорниот дел од реализацијата на процесот на третирање на троската го образложија менаџерот на компанијата „Кепс Монт Груп“ Милан Шчеќик, а потоа  и економскиот менаџер Бранко Радевски. ад/мд/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан