• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Со ефикасен даночен систем и позитивни политики ја обезбедуваме финансиската стабилност на државата

Ковачевски: Со ефикасен даночен систем и позитивни политики ја обезбедуваме финансиската стабилност на државата

Скопје, 1 декември 2023 (МИА) -  Со ефикасен даночен систем и позитивни политики ја обезбедуваме финансиската стабилност на државата, истакна во своето обраќање премиерот Димитар Ковачевски на настан по повод одбележување на Денот на даночните службеници Свети Матеј.

-Да се води управа која што е на целата територија, која работи со над 600 цифрена бројка на деловни клиенти, над еден милион граѓани со свои даночни броеви треба навистина да бидете вешт, успешен, посветен, пред се стручен, рече Ковачевски честитајќи и на директорката на УЈП, Сања Лукаревска за, како што рече „сите напори кои што ги вложи за во ова време на криза да обезбедиме приходи со кои ги финансираме сите потреби на граѓаните“.

По повод одбележувањето на Денот на даночниците работници во Управата за јавни приходи,  Ковачевски упати честитки за нивното посебно место и улога во обезбедувањето на финансиската стабилност на државата.

-Заедно денес,  одбележуваме 76-години од воспоставувањето на даночниот систем на нашата држава. Од тогаш до денес, даночниот систем бележи многу достигнувања и успеси, што се должи на посветеноста на нашите даночните службеници, чуварите на државната каса, рече премиерот.

Управата за јавни приходи, како што посочи, има многу значајна улога за државата како целина и во таа насока ги охрабри чекорите и новитети кои се воведуваат, како дигитализација на услугите и модернизација на процесите.

-Заедно со нас, спроведувате ефикасен, транспарентен и праведен даночен систем и даночна политика преку наплатување даноци, градејќи партнерски однос со даночните обврзници, рече Ковачевски.

Додаде дека сите знаеме колку фискалната дисциплина е важна за државата и за нејзиниот развој.
 
-Поголеми приходи од даноци значи и поголема одговорност кон државата и поголема свест дека со тоа ќе се обезбедат подобри јавни услуги, поквалитетно здравство и  образование, како и редовни плати и пензии. Повеќе даноци значат и повеќе средства во буџетската каса за уште повеќе градинки, училишта, болници, патишта, нови инвестиции и нови работни места. Затоа, за поздравување е секој ваш чекор кон подобрување на процесите и нивна дигитализација во насока на олеснување на процедурите за граѓаните и за компаниите со цел редовно и навремено да ги подмируваат обврските кон државата, нагласи Ковачевски.  

Според него, показател за успешната работа на УЈП како една од најзначајните институции се и последните бројки за наплата на даноците.

-Во периодот од јануари заклучно со ноември  2023 година, остварен е вкупен даночен приход од  над 1,6 милијарди евра (102,012,434,380 денари) што е зголемување  за 7,62% од остварениот даночен приход за истиот период во 2022 година. Пораст  на наплатата е регистрирана и  во ноември годинава, кога истата изнесувала над 163 милиони евра (10,051,885,182 денари) што е реализација од 111% од планираниот вкупен приход за ноември, односно за 42% поголема наплата од ноември 2022 година. Овие бројки ги кажувам од причина што даночниците се скромни луѓе тие се практично невидливи за разлика од другите кои често ги гледаме на пресс-конференции, кои што работат на расходната страна на буџетот, посочи премиерот.

Владата, како што рече, креира позитивни политики и затоа успеавме да постигнеме ефикасност, големите даночни обврзници од почетокот на годинава заклучно со ноември да учествуваат со 43,5 проценти во вкупно наплатените даноци во државата.

-По воведувањето на мерката „Мој ДДВ“ во 2019 година, од почетокот на годинава го зголемивме лимитот за граѓаните за поврат на ДДВ од скенирање на фискални сметки од 1.800 на 2.100 денари по тромесечие. Бројот на граѓани кои ја користат апликацијата Мој ДДВ е над половина милион и постојано расте. Од почетокот на мерката до денеска, кај граѓаните се вратени близу 8,1 милијарда денари односно речиси 132 милиони евра, истакна Ковачевски.

Говорејќи за инфлациските текови, премиерот рече дека со одговорни политики го спречиле растот на цените.

-Основните прехранбени производи, кои се дел од секојдневната употреба на граѓаните и понатаму се оданочуваат по најниска даночна стапка на ДДВ, односно нема промена и таа останува на 5%. Предвидовме најнизок данок за најширока листа на основни продукти во регионов и во земјите од ЕУ, додаде тој.

Ковачевски говореше и за деветиот пакет антикризни мерки, каде со средствата од  солидарниот данок обезбедени се повисоки плати, пензии, субвенции за оние на кои им е најпотребна помош.

-Досега, само по основ на солидарен данок во државната каса се слеале близу 42 милиони евра. Продолжуваме со таргетирана конкретна поддршка за ранливите категории граѓани, за учениците, студентите, за пензионерите, граѓаните- корисници на социјална помош, граѓаните со посебни потреби, самохраните родители, домаќинствата со ниски приходи, земјоделците, како и поддршка на компаниите, нагласи премиерот.

Тој посочи декан економскиот раст на една држава зависи од способноста на нејзините институции да се справат со предизвиците.

-Способноста на УЈП да се справи со предизвиците во целиот изминат период беше и е на највисоко ниво. Ние,  и тие, заедно  покажавме дека само со координиран пристап меѓу сите институции и со заедничка заложба можеме да имаме резултати. Имаме високи очекувања од институциите дека сите заедно ќе вложиме напор за да обезбедиме фискална одржливост и долгорочен развој на нашата земја. А тоа ќе го постигнеме преку модернизација и дигитализација, преку воведување на европски и светски стандарди и преку професионализација на кадрите во нашите институции, рече денеска Ковачевски честитајќи им го Денот на даночниците. дма/са/

Фото/Видео:Влада на РСМ

Остани поврзан