Северна Македонија да се оценува исклучиво според резултатот, без нови пречки и политички барања
- Ќе дадеме се од себе да ги спроведеме сите реформи и сите чекори за европската иднина на земјата, но во Европската унија нѝ е потребна силна поддршка, како и во европските институции и во Европскиот парламент, со цел да не се дозволат нови околности во форма на нови политички барања. Единствените фактори, според кои треба да се оценува Северна Македонија се резултатите и завршените постапки за скрининг процесот и стандардите.
Виена, 21 април 2023 (МИА) - Ќе дадеме се од себе да ги спроведеме сите реформи и сите чекори за европската иднина на земјата, но во Европската унија нѝ е потребна силна поддршка, како и во европските институции и во Европскиот парламент, со цел да не се дозволат нови околности во форма на нови политички барања. Единствените фактори, според кои треба да се оценува Северна Македонија се резултатите и завршените постапки за скрининг процесот и стандардите.
Ова го истакна претседателот на Владата Димитар Ковачевски, кој во рамките на својата работна посета на Австрија, имаше предавање на Дипломатската академија во Виена Австрија, каде говореше на конференцијата на тема „Почеток на пристапни преговори со Северна Македонија: Нова динамика во проширувањето на ЕУ“.
-Јас се заложив пред моите граѓани, пред македонскиот Парламент и пред цела Европска унија дека ние нашата домашна задача ќе ја завршиме. Цврсто веруваме во европската иднина за Северна Македонија и целосно сме посветени на исполнувањето на оваа стратешка цел. Меѓутоа, таа домашна задача мора соодветно да се верификува и потврди од Европската унија, рече Ковачевски.
Тој подвлече дека долгиот пат треба да има извесен крај само врз основа на она што било постигнато. Ништо повеќе, ништо помалку.
-Сакам уште еднаш, јавно да ве замолам да продолжите со поддршката за мојата земја на патот кон ЕУ. Во рамките на македонското Собрание потребен ни е глас од Европа. Ќе дадеме се од себе да ги спроведеме сите реформи и сите чекори за европската иднина на земјата, порача премиерот Ковачевски, во своето предавање на Дипломатската академија во Виена, Австрија. ам/вг/