• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Први сме во регионот во енергетска трансформација, можеме да станеме зелен центар на Европа

Ковачевски: Први сме во регионот во енергетска трансформација, можеме да станеме зелен центар на Европа
Штип, 26 ноември 2022 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва од трибината во Штип порача дека неговата енергетска визија е нашата држава да биде европски шампион за производство на енергија од нашето македонско сонце. -Први во регионот сме според енергетска трансформација и се позиционираме како иден зелен центар на Европа. Само во изминатите 10 месеци од мојот мандат 27 мегавати фотоволтаични централи имаме пуштено во употреба, рече Ковачевски. Забележа дека прво започнале со електраната Осломеј инвестиција во фотонапонската електрана од 10 мегавати. Дополнително на истата локација веќе се градат и фотонапонски централи со капацитет од 100 мегавати. -  Во Свети Николе неодамна почна со работа фотоволтаична централа во државата од 17 мегавати. Во наредниот период сите 130 мегавати од обновливи извори на енергија ќе бидат пуштени во употреба. Кога имате план, визија и вистински политики резултатите се неизбежни. Така и ќе продолжиме, да ја градиме иднината на нашата македонска татковина, истакна Ковачевски. Тој нагласи дека Штип и македонскиот исток многу добро знаат колку е значајно и инвестирањето во патната инфраструктура, а какошто рече  речиси и да нема патна врска која не е обновена во источниот регион благодарение на развојните политики на СДСМ. -Автопатот Штип-Скопје го довршивме, го направивме експресниот пат Штип-Радовиш вреден 64 милиони евра, патот од Три круши до Штип, клучката на влезот од градот, транзитниот правец, експресниот пат Штип – Крупиште вреден 20 милиони евра и многу други проекти кои се направени и завршени од СДСМ. Денеска бев на увид на експресниот пат од Крупиште до Кочани којшто е во завршна фаза. Вредноста на овој проект е 18 милиони евра и е многу значен за целиот овој регион, за истокот, рече Ковачевски. СДСМ, додаде Ковачевски, изгради патишта во должина од околу 1.300 км, додека во време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, во 10 години, изградени се само околу 650 км патишта низ земјата. -Огромна е разликата. Европска Македонија се гради и се поврзува. Модерната патна инфраструктура е важна и за граѓаните и за компаниите но и за новите инвеститори. Новите инвестиции значат и нови, подобро платени работни места, а за тоа да се случи, инвестициите во инфраструктуарата, квалитетните патишта се еден од предусловите, додаде Ковачевски. Забележа дека во Штип се гради капиталниот проект брана на река Отиња, кој е децениски сон на штипјани, градежните работи се завршени околу 30 проценти, а рокот за нејзината изградба е по две години,  но какошто вели Ковачевски и браната Конско ќе биде завршена за неколку месеци. Претседателот на СДСМ, Ковачевски потенцираше  дека капиталните инвестиции отвараат и нови работни места и само од неколку нови  инвестиции се отвараат 1.700 работни места. Воедно се стимулира и земјоделското производство со исплатата на субвенциите, но и на оние кои не биле исплатени во 2015 година. вдј/рп/

Остани поврзан