• петок, 20 декември 2024

Ковачевски: Пратениците се одговорни да носат државнички одлуки, граѓаните заслужуваат да бидат дел од ЕУ

Ковачевски: Пратениците се одговорни да носат државнички одлуки, граѓаните заслужуваат да бидат дел од ЕУ
Скопје, 27 октомври 2022 (МИА) - Уставните измени не се прашање на изјава, туку прашање на процедура. Во таа процедура учествуваат сите политички чинители во државата, како што учествуваат партиите од позицијата, така учествуваат и партиите од опозицијата. Учествуваат партии кои што имаат нормално и етнички предзнак, сите тие нормално дека ќе имаат свое видување на уставните измени во однос на тоа што треба да се унапреди во Уставот, вели претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
- Треба да се разговара меѓутоа пред се, треба да имаме пред нас визија дека ова го правиме заради  побрзо продолжување на патот кон ЕУ со веќе отпочнатите преговори и се со цел Северна Македонија до 2030 година да стане членка на ЕУ. Значи тоа е клучната цел и причина зошто треба да направиме уставни измени во кои што ќе ја збогатиме нашата држава, нашиот Устав со внесување на други граѓани од државата коишто сега не се дел од Уставот, а кои живеат кај нас и со што ќе ја зголемиме општествената кохезија и ќе ја збогатиме нашата заедница со оние кои што тука живеат меѓу нас, рече вечерва Ковачевски во вестите на Канал 5.
На прашањето дали членството во ЕУ е достижно до 2030 година, премиерот повтори дека е рационален оптимист и дека верува во остварување на целта, но и дека работи тоа да се случи.
- Сега од нас зависи, колку брзо ќе го завршиме објаснувачкиот скрининг, колку брзо ќе го завршиме билатералниот скрининг, колку брзо ќе ги направиме потребните уставни измени и колку брзо во тие преговори сите заедно, и Владата и опозицијата и академската и бизнис заедницата, и невладините организации и медиумите, ќе успееме што побрзо да станеме членка на ЕУ. Доколку сите бидеме фокусирани на остварување на таа цел, тогаш јас сум подготвен да водам и сите заедно до 2030 година да ја оствариме таа цел, истакна Ковачевски.
 Другата алтернатива, според Ковачевски, е да се биде изолиран и скаран со соседите.
За договорот за ФРОНТЕКС, којшто беше потпишан вчера во Скопје, Ковачевски уште еднаш повтори дека за прв пат е потпишан договор со ЕУ на чист македонски јазик, без никакви фусноти, ѕвездички,  појаснувања и други формулации.
- Со ова паднаа во вода сите лаги, сите манипулации кои што во текот на јули беа кажувани во текот на гласањето за европскиот предлог во однос на отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Паднаа лагите на сите оние кои со молотови коктели и со викање протестираа пред Собранието, пред Владата, паднаа лагите на сите оние кои што со вувузели внатре во Собранието го попречуваа донесувањето на заклучоците кои што ги донесе Собранието, рече Ковачевски. Ковачевски останува на ставот дека следните парламентарни избори ќе бидат редовни и ќе се одржат во 2024 година. фф/бак/ https://www.youtube.com/watch?v=WVAgUrYJ8Ao

Остани поврзан