• вторник, 26 ноември 2024

Ковачевски - Пирц: Потврдено силното партнерство со Словенија, целосна поддршка за евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија

Ковачевски - Пирц: Потврдено силното партнерство со Словенија, целосна поддршка за евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија

Скопје, 13 јуни 2023 (МИА) - Напредокот во однос на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија и огромната поддршка на Словенија како билатерален партнер на нашата држава во процесот на спроведување на реформите, беше во фокусот на разговорите на премиерот Димитар Ковачевски со словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, која е во официјална посета на државава.

Во состав на македонската делегација беа присутни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

-Северна Македонија се наоѓа во пресвртен момент од историјата којшто бара да покажеме лидерство и обединување на сите политички актери во Парламентот, рече премиерот Ковачевски на средбата, изразувајќи надеж дека и овој пат нашата држава ќе застане на вистинската страна од историјата со поддршка од нашите стратешки партнери и долгогодишни пријатели, меѓу кои и Словенија.  

Како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски, исто така го истакна фактот што Северна Македонија и Словенија се пријателски земји, без отворени прашања, а билатералните односи се базираат на традиционално долгогодишно пријателство.

Во таа насока, заеднички беше поздравено неодамнешното потпишување на заедничката Декларација за зајакнување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Словенија, за што беше потенцирано дека несомнено ќе придонесе кон понатамошно интензивирање на билатералната соработка.

Двете страни го потенцираа и големиот напредок на Северна Македонија на регионален план, кадешто нашата држава е препознаена како кредибилен партнер на Европската Унија и НАТО во обезбедување на регионалниот мир и безбедност.

Словенечката претседателка, Пирц Мусар истакна дека Северна Македонија може да смета на цврстата поддршка на Словенија бидејќи местото на нашата земја и земјите од Западен Балкан е во големото европско семејство. нд/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан