• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски од Гранада: По многу години, сега на агендата како тема го имаме проширувањето на Европската Унија

Ковачевски од Гранада: По многу години, сега на агендата како тема го имаме проширувањето на Европската Унија

Гранада, 5 октомври 2023 (МИА) – По многу години, сега на агендата како тема го имаме проширувањето на Европската Унија. Ова е исклучително важен состанок со сите земји во Европа и една од главните теми што нам ни е од најголема важност е проширувањето, а секако ќе дискутираме и теми поврзани со дигитализацијата и воведувањето на вештачката интелигенција со цел подобрување на условите за граѓаните, изјави премиерот Димитар Ковачевски, пред почетокот на третиот состанок на Европската политичка заедница, што се одржува денеска во Гранада, Шпанија. 

Ковачевски, посочи дека Северна Македонија се наоѓа во одлична позиција со оглед на тоа дека минатата година ги отпочна преговорите со ЕУ, додека во Унијата веќе е отпочнат процес на прилагодување на функционирањето на повеќе земји членки.

- Мислам дека ние се наоѓаме во одлична позиција со оглед на тоа дека минатата година ги отпочнавме преговорите со ЕУ. Од друга страна, ЕУ има стратешки интерес и веќе отворен процес за свое прилагодување коешто е паралелен во однос на тоа дека ќе треба да функционира во иднина со земји кои што имаат поголем број од сегашниот што значи дека ќе постои динамика и на страната на земјите кандидати за членство, пред се мислам на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија, меѓутоа и динамика внатре во ЕУ во однос на прилагодување на функционирањето на повеќе земји членки, изјави Ковачевски.

Според Ковачевски, значајно е што утре ќе биде одржан и неформален состанок на Европскиот совет на кој ќе се разговара токму за прашања значајни за нас, а тоа е пред се мирот и безбедноста во Европа, поддршката на Украина, но и проширувањето на ЕУ.

- Како што најави и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, веќе во рамки на ЕУ се води дебата во однос на подготовката на ЕУ за прием на нови членки од една страна и од друга страна процесите за пристапување кои што самите земји членки ги имаат со ЕУ, изјави Ковачевски.

Според Ковачевски, она што стои во документот изработен од Германија и Франција е позитивно за земјава и за државите од регионот. 

- Јас не можам тоа да го коментирам во моментот бидејќи се работи за работен документ кој не е финален и затоа ќе оставам тие да го комуницираат, иако го имам видено и сметам дека тоа што стои во самиот работен документ е позитивно за нашата држава и земјите во регионот, рече Ковачевски.

Во рамки на состанокот, како што посочи, планирано е да има работни состаноци на кои ќе присуствуваат премиерите на Франција, Италија, Обединетото кралство и на други држави, како на претставникот на Европскиот Парламент и на Европската Комисија.

- Се надевам на успешни состаноци. Ќе имаме и билатерална средба со премиерот на Холандија, премиерот на Ирска и потпретседателот на ЕК, рече Ковачевски.

Гранада денеска е центарот на европската политика. Градот со нешто повеќе од 200.000 жители и големо историско и културно наследство испреплетено од трите големи монотеистички култури - христијанската, муслиманската и еврејската денеска е домаќин на третиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЦ), на кој се поканети 27 земји-членки на ЕУ, 17 други соседни земји, како што се Обединетото Кралство, Турција, Украина, Швајцарија и балканските држави. 

Европската политичка заедница има за цел да поттикне политички дијалог и соработка во решавањето на прашања од заеднички интерес, да ја зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Замислена како платформа за политичка координација, формирана во мај 2022 година на иницијатива на францускиот претседтаел Емануел Макрон, таа не заменува ниту една постоечка организација, структура или процес и нема за цел да создаде нови во оваа фаза. аа/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан