• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски: Ние сме подготвени за ЕУ, следува напорна и посветена работа на реформи

Ковачевски: Ние сме подготвени за ЕУ, следува напорна и посветена работа на реформи
Скопје, 20 јули 2022 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски вечерва организираше прием по повод отпочнување на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија. На средбата на која беше присутен државно-владиниот врв, пратениците, амбасадорите на земјите членки на ЕУ, политички чинители, претставници на граѓанското општество, на медиумите и стопанственици премиерот Ковачевски се обрати пред присутните. Тој упати и честитка до граѓаните за официјалното отпочнување на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија. - Конечно, после 17 години, се отвора процесот за прием на Северна Македонија во големото европско семејство. Вчера, отворивме ново поглавје во македонската историја. Европско поглавје кое ќе донесе забрзан развој, просперитет и стабилност, рече во обраќањето премиерот. Им се заблагодари на граѓаните, за нивната истрајност и визија за европска иднина од која не се откажаа. Тие, подвлече Ковачевски, се најзаслужни што ние денес сме тука кај што сме. Тие, истакна, не се предадоа пред ниту еден предизвик за да го исполнат својот сон да бидат дел од европското семејство. - Овој пат не беше лесен, и за тоа сите сме свесни, и затоа, искрено ви се заблагодарувам на сите вам, за несебичниот ангажман, заложба и поддршка и ве охрабрувам да останете исто така ангажирани и во наредниот период. Вашата поддршка ќе е од непроценливо значење и понатаму, особено што сега треба да ги вклучиме сите расположливи капацитети и да работиме исклучително посветено за да можеме да ја имаме најбрзата можна интеграција во Европската Унија, им порача на присутните премиерот Ковачевски. Имавме многу предизвици, но како што кажав и вчера, наведе тој, ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, и да не останеме заложници на минатото. Решивме да бидеме одлучни, храбри, мудри и несебични, да не мислиме на нас, туку на идните поколенија, да мислиме на нашата држава и на мирот, безбедноста, стабилноста и иднината. - За мене највисока форма на патриотизмот е носењето државнички и прогресивни одлуки, имајќи притоа јасна визија и план за иднината, и искрена заложба за просперитет на државата и на сите граѓани. Тоа е најчистата и најискрена форма на почит и љубов кон татковината, истакна Ковачевски. Водени од тој принцип на патриотско и државничко однесување, додаде, ја донесовме и конечната одлуката со која обезбедивме зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура, и посебност, а воедно обезбедивме и почеток на преговорите. - Ве уверувам, а и тоа го потврдија на повеќе наврати и високите претставници на Европската Унија и тука дома кај нас, но и вчера во Брисел, дека нашите позиции се зачувани и потврдени. Европската Унија нѐ прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите, идентитетски, историски и културни особености. Бевме јасни и гласни, дека за овие нешта ниту се преговара, ниту ќе се преговара, истакна во обраќањето премиерот Ковачевски. Претседателката Фон дер Лајен, се осврна Ковачевски, вчера јасно и недвосмислено ја поддржа нашата позиција и нѐ увери, исто како што тоа го направи тука во Собранието, дека нашиот македонски јазик ќе биде вреднуван и почитуван и понатаму, а воедно и ќе доживее развој и промоција преку неговото користење како еден од официјалните јазици на Унијата по нашето полноправно членство. - Нашиот идентитет, не само што ќе биде заштитен, истиот и ќе се збогати и ќе го збогати комплексниот Европски идентитет, како и што во својот говор вчера истакна и високиот преставник Борел. Она што нѐ дефинира нас, нашите особености, специфики, традиција, култура, обичаи ќе бидат автентично наши, македонски, но споделени со сите наши пријатели во Европската Унија. Тоа е она што и нас и Европската Унија ќе нѐ направи побогати, беше дециден Ковачевски. Според него, вчерашниот ден беше историски. Знам дека неколкупати го споменавме овој збор, но, потенцира, навистина е така. Во историјата на секоја држава, рече Ковачевски, има неколку решавачки моменти, а вчерашниот беше токму таков. Вчера, пред 27 земји членки, опкружен со поддршка од нашите европски пријатели, ре еКовачевски, ја имав огромната чест, во име на граѓаните, да зборувам на мојот мајчин македонски јазик во Советот на Европската Унија и да ја искажам нашата јасна и цврста сегашна позиција, но и нашата визија за иднината. Поддршката која вчера во салата ја добивме назад од сите земји членки на Европската Унија, а особено на земјите членки од регионот, наведе премиерот, ни дава потполно право да сме полни надеж и уверени дека од сето ова, сите ние заедно ќе излеземе посилни, постабилни и забрзано ќе чекориме напред кон заедничка поперспективна иднина. Лично сум убеден дека граѓаните од ова ќе излезат како победници. - Кажав и вчера, ќе кажам и денес. Ние сме подготвени за ЕУ. Нашата земја е Европа во мало. Ние го живееме мотото на Европската Унија секојдневно. Ние сме мултикултурно и мултиетничко општество, обединети сме во нашите различности, се гордееме со нив, тоа е она што нѐ прави посилни. Сега останува да ја операционализираме таа подготвеност и забрзано да зачекориме напред. Доаѓа периодот на напорна работа. И мене лично ме радува тоа. Од денес почнува нова страница на напорна и посветена работа на реформи, на усогласување на нашето со европското право, на економски, политички, општествен развој, повисок квалитет на живот, високи стандарди за почитување на владеењето на правото, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Тој изрази верување дека и континуираната и зголемената помош која Европската Унија ќе ја обезбеди во наредниот период, ќе овозможи македонските граѓани и економија да добијат конкретна и реална поддршка. Особено, како што рече, е важно европската реалност да ја живееме и денес. - Се затвори едно поглавје, и отвораме ново. Затоа, сега е времето кога треба да застанеме заедно, обединети, полни оптимизам и верба за подобро утре, за да можеме да ги здружиме силите и заеднички да се посветиме на развивање силна, успешна и просперитетна европска држава. Сега е време за храброст, посветеност и јасен поглед кон иднината за да можеме брзо и одлучно да го оствариме и сонот на нашата генерација, но и сонот на Илинденците и борците од НОБ. Да се обединиме и да застанеме заедно, бидејќи само заедно сме посилни. Посилни и поподготвени да ги премостиме сите предизвици кои стојат пред нас на нашиот пат кон полноправното членство и нашата европска иднина, говореше Ковачевски. Нека ни е среќен почетокот на пристапните преговори, истакна пред присутните Ковачевски и порача да продолжиме да бидеме вредни, квалитетни и полни со разбирање за различностите, да ги споделуваме европските вредности и сите заедно да се радуваме и на полноправното членство на Република Северна Македонија во Европската Унија што поскоро. цр/мс/

 

Остани поврзан