• петок, 20 декември 2024

Ковачевски: Започнато е ново поглавје во нашиот европски пат, од нас зависи дали ќе ја искористиме оваа историска шанса

Ковачевски: Започнато е ново поглавје во нашиот европски пат,  од нас зависи дали ќе ја искористиме оваа историска шанса

Берлин, 28 јуни 2023 (МИА) - Со канцеларот Шолц разговаравме за нашата европска иднина, за отворените можости за економски развој за земјата по членството во НАТО, за отпочнатите преговори со ЕУ, напредокот во скрининг процесот, потпишаниот договор за ФРОНТЕКС, за конкретни реформи, а не како порано, да зборуваме дека сето ова треба да се случи. Разликата за многу кратко време е навистина огромна и видлива. Започнато е ново поглавје во нашиот европски пат, крајната цел е полноправното членство во ЕУ и сега зависи само и единствено од нас, оваа историска шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме и треба да го дадеме нашиот глас за Европа.

Ова го истакна премиерот Димитар Коваечвски на заедничката прес-конференција во Берлин со неговиот домаќин, германскиот канделар Олаф Шолц.

-Со почетокот на преговорите и скринингот како и со потпишувањето на ФРОНТЕКС, ние минатата година добивме целосна потврда за нашите заложби за европска иднина и добивме потврда дека македонскиот јазик е заштитен и е на исто рамниште со останатите јазици на Европската Унија, рече Ковачевски.

Оваа Влада, додаде тој, донесе многу тешки одлуки, и покажа лидерство и храброст, а отворањето на преговорите е основа и можност за подобра, побогата иднина, подобар животен стандард за граѓаните.

-Процесот на преговори беше мачен и тежок, но факт е дека ние од тој процес излеговме како земја која успеала да се избори за своите позиции. Вие сте и лично запознат со ова и за Вашата поддршка и лична посветеност во тој процес, искрено Ви благодарам, знам дека вашиот личен влог беше ценет и пресуден во даден момент. Оттогаш до денес и ние и ЕУ ги исполнивме нашите ветувања. Во овој контекст, би сакал Во мое лично име и во името на мојот народ, да упатам искрена благодарност за поддршката која ја добивме и од германскиот народ со усвоената Резулуција од страна на Бундестагот, со што Сојузна Република Германија дава недвосмислено охрабрување на Северна Македонија на евроинтегративниот пат до полноправно членство во Европската Унија, рече премиерот Ковачевски.

Со усвоената Резулуција, додаде тој, Берлин ни дава дополнителен поттик за натамошно интензивирање на реформската агенда во сите сфери во нашето општество. 

-Сега останува следниот чекор, уставните измени, кои ќе се најдат пред нашето Собрание и нашите 120 пратеници. Очекувам дека тие ќе покажат државничко однесување, ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за нас, за идните генерации, за нашите деца, подвлече Ковачевски. 

ЕУ е нашата единствена цел, а подобар договор од овој пред нас нема, ниту ќе има, потенцира премиерот Ковачевски, продолжувајќи дека токму затоа овој трасиран пат до ЕУ, иако нема да е лесен, мора да се изоди.

-Ние мораме да ја исполниме стратешката цел на која сме се обврзале пред 30 годидни - полноправното членство во ЕУ. Ние мораме да им овозможиме на нашите граѓани, идните генерации да живеат во ЕУ, горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик јазик, со македонски идентитет, но она што е најважно, побогати и со подобар стандард од сега, нагласи премиерот Ковачевски.

Овој развој знаеме дека неминовно ќе се случи, вели тој, а за тоа се доказ сите земји членки кои пред многу години биле во нашата ситуација, а кои по членството во ЕУ доживеале сериозен раст и развој и денес нивните граѓани ја имаат шансата да живеат во земји со подобар стандард, да се побогати, да ги остваруваат сопствените потенцијали целосно, да живеат европски и слободно.

-Дали ќе бидеме и ние таму, сега зависи само и единствено во нас. Оваа историска шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме и треба да го дадеме нашиот глас за Европа, за нашата, за иднината на нашите деца. Токму затоа денес, во оваа прилика би сакал уште еднаш да ја потврдам нашата европска визија и перспектива. Нашата иднина се европските вредности кои ги делиме со нашите германски пријатели. Ние, заедно со Европската унија, сме обединети во различностите, порача на заедничката прес - конференција премиерот Ковачевски.

Сојузна Република Германија е наш клучен политички, но и економски партнер, додаде тој, и во текот на овој тридецениски период на интензивна соработка од воспоставувањето билатерални односи, поставивме и одржавме трговската размена која само минатата година изнесуваше 3,2 милијарди евра. Германија е нашиот прв трговски партнер, партнер број еден. Околу 50% од вкупниот извоз од Северна Македонија е во Германија, нагласи тој. мт/вг/

 

Остани поврзан