• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: Етничката припадност е професија само на Западен Балкан

Ковачевски: Етничката припадност е професија само на Западен Балкан

Скопје, 28 декември 2023 (МИА) - Етничката припадност е професија само на Западен Балкан, никаде на друго место, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за огласот на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), каде е наведено вработување на одредени националности.

-Јас не можам стручно да одговорам. Законот, тоа е законот. Значи, огласот мора да е според законот. Инаку, да, јас сум кажал многу пати етничка припадност не може да биде професија. Етничка припадност е професија само на Западен Балкан, никаде на друго место. Ќе ви дадам пример, кога беше пандемијат од Ковид 19 голем број на наши граѓани имаа потреба од Инфективната клиника. И таму, ако се сеќавате, беа Демири, Цана и Стефановиќ, така што етничка припадност не игра улога во професионалност. Тоа сакам да го кажам, рече Ковачевски.

Тој додаде дека во патоказите за преговорите во ЕУ, и овој дел е адресиран.

На истото прашање, министерот за здравство Фатмир Меџити кажа дека пред објавување на конкурс, огласот се одобрува од Управниот одбор на клиниката од кој е огласот.

-Според член 5 од Законот за вработени во јавниот сектор предвидува обврска за планирање на вработување на јавниот сектор согласно начело за соодветна и правична застапеност. Во член 20 од истиот закон е предвидено прераспределба на планирани вработувања да биде соодветно за одржување на правичната застапеност. Ова го предвидува законот. Но, сепак, се согласувам со вас дека искуството и знаењето е пред се, рече Меџити. нд/ац/

Остани поврзан