• петок, 22 ноември 2024

Книжевни резиденции за преведувачи од македонски јазик

Книжевни резиденции за преведувачи од македонски јазик
Скопје, 15 март 2022 (МИА) - Издавачката куќа „Готен“ во рамки на проектот „Превод во движење“ организира резиденции за литературни преведувачи кои преведуваат од македонски јазик на јазиците на земјите-членки на Европската Унија. Конкурсот е отворен до 30 март оваа година. „Превод во движење“ е програма чија цел е збогатување и засилување на протокот на преведената литература во Европа и особено меѓу земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. -Препознавајќи ги литературните преведувачи како влијателни и клучни амбасадори на културниот дијалог, оваа програма обезбедува меѓународна мобилност и професионален развој на литературните преведувачи, соопштија од тимот на издавачката куќа „Готен“. Во рамки на резиденцијалниот престој, преведувачите ќе имаат можност да работат на книжевен превод на дело од македонски автор, одблиску да го запознаат оригиналниот јазик, да продолжат да го истражуваат, како и да ја зголемат својата видливост преку поврзување со локалната литературна сцена и претставување на својата активност пред публиката. Исто така, во рамки на програмата можат да се пријават литературни преведувачи кои преведуваат од македонски јазик на јазиците на земјите-членки на Европската Унија. За време на резиденцијалниот престој, како што посочија од „Готен“, од преведувачите се очекува интензивно да работат на литературниот превод со кој аплицирале за програмата, да учествуваат во настаните или активностите на организацијата што ја организира резиденцијата и да соработуваат со колегите од книжевната сцена. Издавачката куќа „Готен“ нуди бесплатно сместување, покривање на патните трошоци и месечна стипендија за покривање на трошоците за живот во висина од 800 евра (бруто износ). Апликациите за резиденциите се праќаат на следната електронска адреса: contact@gotenpublishing.com. Кандидатите треба да испратат писмо на интерес во кое се објаснети причините за нивното конкурирање за резиденцијата (не подолго од една страница), опис на книжевниот превод на кој ќе работат (не подолг од една страница) и CV. Апликациите можат да бидат напишани на англиски и македонски јазик. Управниот одбор на проектот „Превод во движење“ ќе изврши избор од пристигнатите апликации, а резултатите ќе бидат објавени најдоцна до 15 април 2022 година. За Скопје во текот на оваа година се планирани две резиденции. „Превод во движење“ (Translation in motion) заеднички проект фокусиран на резиденцијални престои за преведувачи финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.бт/са/

Остани поврзан